И покрај најавите, цените во Грција не се намалени

Грција и годинава останува хит туристичка дестинација за Македоците. Во однос на цените тие се исти како и лани, иако според одредени агенции имало благо зголемување на аранжманите во пред сезоната. Но, генерално некое големо отскокнување нема и тие се исти во последните неколку години.

„Во последните седум-осум години, цените во Грција се исти со некои мали поместувања нагоре или надолу од незначителни два до три отсто. Апартманите и хотелите не ги поскапеле цените кон нас, ниту пак ние сме ги поскапеле кон клиентите,“ вели Александар Чоневски од туристичката агенција „Игуана“.

Иако имаше најави од грчката влада за намалување на цената на храната и на пијалоците на плажите, Чоневски вели дека такво нешто не е забележано на терен.

„Не може цените да бидат исти за сите плажи. Некои плажи се подобро средени и организирани од други, па не може сите исто да продаваат. Слушнав за таа мерка на Грција, но на терен нема промени,“ додаде Чоневски.

Тој вели дека добро оди продажбата на аранжамните, иако не е мал бројот ниту на оние кои во последен момент одлучуваат каде да одат на одмор.

Од останатите агенции велат дека во зависност од продажбата на аранжманите се движи и цената, па за оние кои има послаб интерес цените поевтинуваат. Поскапи се продавале аранжманите за предсезона.

Според информациите од туристичките агениции, Македонците се почесто купуваат куќи на море но, и изнајмуваат вили и апартмани за цени од 1.000 до 3.000 евра за шест месеци, па летуваат повеќе фамилии.

Голем дел од колачот на туристичките агенции земаат и интернет страниците за резервирање и закуп на аранжмани за летувања.