И Пошта на штрајк: Доколку Владата остане глува на барањата, граѓаните нема да можат да плаќаат сметки

Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на А.Д. Пошта на Северна Македонија денеска најавија дека на 14-ти месецов ќе стапат во генерален штрајк на работните места и простории кај работодавачот, доколку во меѓувреме не бидат исполнети поставените барања за итно и неодложно линеарно покачување на нето платите на вработени во износ од 3000 денари.

-Поради неуспешниот трипартитен дијалог помеѓу Управниот одбор на Пошта на С Македонија, Владата и Синдикалните организации на Пошта на СМакедонија, и нереализирање на барањата на вработените и Синдикалните организации на А.Д. Пошта на Северна Македонија, Централниот одбор на Синдикат на Македонска пошта (СМП) и Извршниот одбор на Синдикалната организација на А.Д. Пошта на Северна Македонија (СОПСМ) на 31 март донесоа одлука за започнување генерален штрајк, соопштија синдикалните организации, кои на 19-ти минатиот месец го ставија во мирување најавениот протест поради почнатите преговори за нивните синдикални барања.

Причините за започнување на генерален штрајк, наведуваат, се однесуваат на загриженоста кај над 2200 вработени за иднината на компанијата и неизвесноста од зачувување на нивните работни места, незадоволството од нереализирање на барањето за линерно покачување на нето платите на вработените во висина од 3.000 денари кои не се покачени повеќе од 30 години, супстандардни услови за работа, повеќегодишно необезбедување на средства за работа, незадоволство на вработените од постоечката систематизација и нереализирање на дел од барањата на вработените и синдикалните организации наведени во Заклучоците од 15 октомври минатата година.

-Со оглед на законското определување на времетраењето на постапката за помирување, штрајкот ќе биде во мирување до нејзиното завршување. Доколку не успеме да ги решиме взаемните проблеми на мирен начин со помирувањето, Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на А.Д. Пошта на Северна Македонија започнуваат со генерален штрајк на ден 14.04.2022 година со почеток во 08.00 часот, на работните места и простории кај работодавачот.Штрајкот ќе трае до исполнување на барањата на штрајкувачите, односно до склучување на спогодба. Работата на А.Д. Пошта на Северна Македонија, ќе биде целосно во прекин освен за неопходните активности кои давателите на поштенски услуги мора да ги обезбедат непречено, согласно Законот за поштенски услуги член 49 и Колективниот договор на ниво на работодавач, и тоа се до прифаќање на барањата на Синдикатите од страна на АД Пошта на Северна Македонија, стои во соопштението.

Претседателот на Синдикатот на „Македонска пошта“ Боро Велигденов во изјава за КУРИР неодамна најави дека двата синдиката во Македонска пошта ќе излезат на заеднички штајк.

-Согласно законските регулативи, Законот за работни односи и Законот за поштенски услуги по истекот на овој даден рок од десет дена, т.е од 14 април, доколку не се исполнат нашите барање, Македонска пошта започнува штрајк. Ние како синдикат бараме линеарно зголемување на платите во Македонски пошти со што сите вработени ќе добијат по три илјади денари покачување на својата плата. Платите во пошта не се променети 32 години и истите се од стариот систем, па поради покачувањето на минималната плата и зголемувањето на трошоците за живот, бараме подеднакво покачување за сите вработени, вели Велигденов.

Вработено лице во една од многуте пошти во земјава во изјава за КУРИР вели дека дефинитивно ќе стапат во штрајк доколку владата и овој пат остане нема на нивните барања.

-Платите се мизерни и не се покачени со години, бараме покачување кое е нужно во ова време кога се е покачено, од цените во маркетите, до горивата, па се до кризата и војната која се случува во Европа. Се надеваме дека овие барања на нашите синдикални здруженија ќе родат со плод, ако не за 10 дена колку што е законскиот рок почнувајќи од денес ние стапуваме во штрајк, вели нашиот добро упатен извор вработен во Македонска пошта.

Инаку доколку владата остане глува на овие барања на вработените во Македонска пошта, тие ќе стапат во штрајк од 14 април и тоа значи дека нема да може да се плаќаат сметки во пошта, додека ќе се извршуваат сите услуги регулирани со Законот за поштенски услуги како на пример пратки со приоритет за државата, примање на судски пратки и секаков вид на пратки, кои ќе бидат редуцирани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.