И позицијата бара од Азаров промена во кабинетот

Парламентарна група на владејачката партија во Украина, Партија на регионите, побара од украинскиот премиер Микола Азаров да направи промени во 90 отсто од составот на Владата. Ова го соопшти пред новинарите пратеникот од фракцијата Ана Герман, пренесе агенцијата „Фокус“.

„Ние поднесовме денес пред Азаров барање за реформирање на 90 отсто од Владата“, рекла Герман по средбата на пратениците со премиерот на земјата.

Во меѓувреме еден од советниците на рускиот претседател, Владимир Путин, официјално објави дека Русија размислува да и додели заем на Украина. Ова се случува само еден ден пред средбата на Путин и украинскиот претседател Виктор Јанукович, пренесуваат локланите медиуми.

„Не ја исклучувам можноста дека ќе биде донесена некаква одлука“, рекол Андреј Белоусов, советник на Путин, одговарајќи на прашање дали во вторник, на средбата меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин и украинскиот колега, Виктор Јанукович, ќе биде одлучено дали на Украина ќе и биде доделена заем. За време на преговорите се очекува Киев да се обиде да договори пониска цена за рускиот гас.