И Роналдо со Португалија си заминува од Русија, ги испрати Кавани

Фудбалерите на Уругвај се пласираа во четвртфиналето од Светското првенство откако во саботата во Сочи во осминафиналето ја совладаа Португалија со 2:1 (1:0), и ќе се соочат на 6-ти јулио со селекцијата на Франција којашто претходно благодарејќи на разиграниот Килиан Мбапе со 4:3 ја победи Аргентина.

Двоен стрелец за двократниот светски првак Уругвај беше Единсон Кавани во 7 и во 62 минута, а за Португалија само привремено надежите ги врати Пепе во 55 минута.

Уругвај поведе рано во 7 минута, по одличната акција којашто ја започна Кавани кој со долга дијагонала од речиси средината на теренот по левата страна го пронајде Луис Суарез кој фантастично центрираше за Кавани кој се уфрлаше во трк на втората статива и со глава ја погоди португалската мрежа. Во 22 минута Уругвај можеше да го удвои водството од слободен удар од 20 метри. Суарез, кој според распоредот во селекцијата прв ги шутира слободните удари од вакви дистанци, се реши на ист начин да го измами португалскиот жив ѕид како и при постигнувањето на голот против Русија во последното коло од групната фаза, но голманот Руи Патрисио одлично интервенираше. Играта на Португалија во првото полувреме беше бавна и без можност за создавање шанси. Уругвајците поставија одлична одбрана за Кристијано Роналдо не оставајќи му ни педа простор за шут, така што и неколкуте негови обиди не успеаја да дојдат до противничкиот гол.

Но во вториот дел Португалците заиграа поконцентрирано, па по десет минути игра успеаја да израмнат. Во 55 минута беше изведен корнер, Рафаел Гуереро нафрли, а стоперот Пепе со глава го совлада Муслера. Сепак, задоволството на Португалците траеше кусо, зашто само по седум минути, Уругвајците изведоа ткн полуконтра а стрелец повторно беше Кавани, кој од работ на шеснаесетникот одлично пласираше во спротивната страна за 2:1. Во 70 минута по грешката на уругвајскиот голман Муслера, Бернардо Силва можеше на Португалија да ѝ донесе ново израмнување, но неговиот шут од 15-ина метри отиде високо над голот. Во 74 минута Кавани поради повреда мораше да го напушти теренот, и засега не се знае каква е природата на неговата повреда. Во меѓувреме Уругвајците ги затворија целосно приодите кон својот гол, оставајќи го само Суарез да се шета околу средината на теренот. Во таквата поставеност Португалците тешко доаѓаа до чиста шанса, но не им одеше да го загрозат противничкиот гол и од неколкуте мешаници. Последната шанса на натпреварот ја имаа во шестата минута од судиското продолжени, кога резервистот Кварезма се обиде со силен шут откосо, но голманот Муслера беше добро поставен и без поголеми проблеми одбрани.