И Русија наскоро ќе ги развесели САД со „црн список“, порача Захарова

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова го најави рускиот „црн список“, што ќе биде одговор на санкциите на САД и ЕУ кон нејзината земја за случајот Навални.

Тасс јави дека за време на нејзиното гостување во главната политичка емисија на Канал 1 на државната телевизија „Времето ќе покаже“, Захарова најави дека Русија наскоро ќе одговори на американските санкции и дека се подготвува соодветен „црн список“.

– Во согласност со начинот на однесување на Американците и како одеднаш ги објавија сите свои списоци, мислам дека наскоро и ние ќе ги развеселиме – изјави Захарова во емисијата, пренесе Тасс.

Претходно, и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека последните санкции на САД и на Европската унија против руските официјални лица и организации поради случајот Навални се интервенции во руските внатрешни работи и се неприфатливи.