И Словачка нема да го поддржи миграцискиот договор на ОН

Словачка нема да го поддржи договорот на Обединетите нации за односите кон имигрантите ширум светот, изјави во неделата премиерот Петер Пелегрини по самитот на Европската унија во Брисел.

Глобалниот компакт за безбедни, уредени и законски миграции на Обединетите нации, или ткн Марокешки договор, го одобрија во јули годинава сите 193 членки на светската организација, освен САД кои се повлекоа уште минатата година. Тој треба да биде ратификуван во декември. Договорот е осмислен по најголемиот прилив на имигранти во Европа од Азија и од Африка по Втората светска војна, кои бегаат од сиромаштијата и воените судири.

„Словачка нема да го поддржи овој договор на Обединетите нации под кои и да се околности и нема да се согласи со него“, изјави Пелегрини за новинарите во Брисел по самитот на кој челниците на земјите членки на ЕУ го прифатија договорот за истапувањето на Велика Британија од Унијата.

Договорот на ОН за миграциите се смета за контроверзен во многу западни земји, а компактот досега освен Словачка го отфрлија и Полска, Австрија, Чешка, Унгарија, Бугарија, Естонија, Австралија, Израел и САД.

Критичарите на Маракешкиот договор тврдат дека оваа необврзувачка спогодба ја прогласува економската имиграција за човеково право, додека поборниците тврдат дека тој ќе го поправи меѓународното управување со мигрантските бранови и ќе ја зајакне заштитата на човековите права.

Словачкото одбивање на миграцискиот договор може да доведе и до рекомпонирање на владата на Пелегрини, имајќи предвид дека министерот за надворешни работи Мирослав Лајчак се закани со оставка, доколку владата не го прифати договорот. Лајчак беше претседател на Генералното собрание на ОН кога миграцискиот договор беше усвоен. Пелегрини денеска изјави дека смета оти Лајчак ќе остане, дури и откако Прага ќе го одбие договорот.