И Sony поради брегзитот европското седиште го сели од Лондон

Конгломератот „Sony“ е последната во низата јапонски компании којашто донесе одлука да го пресели своето европско седиште од Велика Британија во Холандија, за да ги избегне нарушувањато коешто ќе ги предизвика британското повлекување од Европската унија.

Компанијата соопшти дека со овој потег ќе ги избегне царинските проблеми поврзани со брегзитот. Меѓутоа, и покрај овој потег, „Sony“ нема да го сели персоналот и нема да престане да работи во постојните филијали во Британија.

Британија треба да ја напушти ЕУ до крајот на март, но двете страни сѐ уште не постигнаа договор на кој начин. Во текот на неодамнешната посета на Лондон, јапонскиот премиер Шинзо Абе изрази загриженост поради можниот брегзит без договор со ЕУ, предупредувајќи дека тоа би можело да им нанесе штета на јапонските компании коишто вработуваат до 150.000 луѓе во Велика Британија.

Портпаролот на „Sony“, Такаши Иида, рече дека ова преселување ја направило „компанија со седиште во ЕУ“, па заедничките царински процедури, откако Британија ќе ја напушти Унијата, ќе се применуваат на европското работење на компанијата,

Компанијата „Panasonic“, којашто е јапонски и глобален конкурент на „Sony“, веќе го пресели своето седиште во Амстердам, главно поради даночните проблеми кои потенцијално може да настанат поради брегзитот. Двете компании соопштија дека овие одлуки веројатно нема да имаат поголемо влијание врз работните места во Британија.

Неколку јапонски финансиски компании, меѓу кои се MUFG, „Nomura Holdings“, „Daiwa Securities“ и „Sumitomo Mitsui Finacial Group“, исто така, најавија дека планираат селење на своите главни европски бази од Лондон. Јапонската банка „Norinchukin“ на почетокот од јануари соопшти дека ќе основа филијала во целосна сопственост во Холандија, како одговор на брегзитот и другите економски промени во Европа.

И бројни јапонски производители на автомобили, исто така, изразија загриженост поради влијанието на британското излегување од ЕУ. Така „Toyota“ предупреди дека брегзитот без договор ќе влијае врз вложувањата и привременои ќе го запре производството во ниваната фабрика во Барнстоун. И „Honda“ веќе најави шестдневно запирање на производството во април за да ги испланира „сите можни исходи предизвикани од логистичките и граничните прашања“.