И сопругата на „тендерџијата“ Адеми била меѓу најголемите донатори на ДУИ, на партијата лани ѝ дала 30.000 евра

И сопругата на добитникот на тендерот од 1,8 милиони евра од Министерството за надворешни работи (МНР) е меѓу најголемите донатори на ДУИ. Фирмата „Виаком“ во сопственост на Арбе Адеми минатата година ѝ донирала на ДУИ 1,8 милиони денари, или околу 30 илјади евра, покажува годишниот извештај за донации на партијата, пренесе Телма.

-Фирмата на нејзиниот сопруг Елмедин Адеми, „Еуровиа“ од Желино, исто така донатор на ДУИ, доби 1,8 милион евра на тендер за преадаптација на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ заради Самитот на ОБСЕ што треба да се одржи во декември. Тендерот го организираше Министерството за надворешни со кое раководи Бујар Османи, кадар на ДУИ. Антикорупциската уште пред неколку дена најави дека ќе проверува дали има злоупотреби, објави телевизијата.

Османи реагираше дека немало никакво политичко влијание при изборот, туку била избрана најевтината понуда.

„Знам дека не ви се верува, но јас од медиумите дознав дека компанијата е донатор“, рече завчера Османи.

ММР денеска ја достави документацијата за тендерот до Антикорупциската комисија и до Обвинителството.

„Министерството апелира до надлежните институции да придадат посебно значење и приоритет на овој предмет, имајќи ги предвид импликациите кои се предизвикани со бројните шпекулации кои се појавија во јавноста“, соопшти МНР.

Инаку, фирмата „Еуровиа“ и нејзиниот сопствник Елмедин Адеми се најголемите донатори на ДУИ во 2022 година. Според годишниот извештај за донации на ДУИ, Адеми минатата година ѝ донирал на партијата 2,5 милиони денари (околу 40 илјади евра), а „Еуровиа“ и „Виаком“ по 1,8 милиони денари (околу 30 илјади евра).

-Во ова има два спорни момента. Според одредбите наЗзаконот за финансирање политички партии, партии не можат да се финансираат од „приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“. Адеми негираше дека токму таа „Еуровиа“ донирала со оглед на тоа што има повеќе фирми кои го содржат тоа име, но се дел од истоимената поголема групација. Другиот спорен момент е што донациите ги надминуваат законските ограничувања. Според Законот, поединец може да донира до 30 просечни плати годишно, а фирма до 60 просечни плати. Адеми донирал двојно повеќе од дозволеното, пренесе Телма.

Спорд неофицијални извори од повеќе институции, ДУИ ги вратило вишокот пари на својот донатор без да откријат на кој датум се случило тоа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.