И советниците на Заев бегаат за поголеми плати

Засега најмалку двајца советници на Зоран Заев го напуштаат премиерскиот кабинет, за уште десетина други има неофицијални информации дека ќе му ги откажат советничките услови.

Од Владата веќе потврдија дека советничкиот ангажман на Ленче Николовска, која му даваше предлози на Заев за унапредување на статусот на земјоделците, завршил на  ноември по нејзино барање.

Заев денеска изјави дека и Мерсел Биљали, кој го советување за меѓуетнички односи, побарал отпуст од советничката позиција наводно за да избегне судир на интереси.

Премиерот вели дека дел од советниците решиле да си заминат доброволно по неговата најава за намалување на советничкиот тим откако се соочи со остри критики од јавноста поради долгата листа на советници и износите кои се одвојуваат од државната каса за нивни хонорари.

Заев исто така изјави дека дел од советниците заминуваат бидејќи нашле работни позиции на кои подобро ќе заработуваат.

„Дел од советниците сами пристапија. На пример Мерсел Биљали кој имал ќерка за вработување вели морам да внимавам, Антикорупциска е сериозна кога ги испраќа пораките, јас правам чекор за детето. Но, тука сум и работам. Ленче Николовска вели веќе имам друг мегдан, можеби и подобро ќе заработам. Отворам агро иницијатива во медиумскиот простор. Верувам дека таму ќе бидам и подобро платена и поисполнета, ќе дадам може и поголем придонес од тоа што верувам и како граѓанин. Имаме таква дискусија меѓу сите нас и верувам дека тоа е добро“, вели Заев.

Инаку, пред неколку месеци беше објавена листата на советници на Заев која сочинува 56 имиња. А, како најспорни во листата се најдоа синот на Нано Ружин, Александар Ружин кој премиерот го обезбедувал со совети за соработка со државите од Бенелукс и Франција, новинарот Љубиша Станковиќ, кој во исто време работеше во Телевизија 24 и беше дел од советник на Заев.

Хонорарите на советници се во најразличен износ од неколку десетици илјади денари до максимални 1.500 евра месечно. Така, Владимир Цветковиќ, Љубомир Шубара, Александар Обрадовиќ и Љупчо Зафироски земаат 1.200 евра. Големо внимание во јавноста привлече токму струмичанецот Зафироски кој е сосема непознат за јавноста е ангажиран како советник за евроинтеграци. Алиса Дограмџиева Живановиќ има месечен надоместок од 1.300 евра, а Зоран Башановиќ, кој е јавност го препозна како контраверзен лик поради скандалите кои се врзуваат за него во Србија, зема месечен хонорар од 1.500 евра.