И спинуваните анкети не му помагаат на СДСМ – Мицкоски со најголем раст на рејтингот, ВМРО ДПМНЕ постојано ја зголемува предноста

Две анкети беа спроведени минатата недела во однос на популарноста на политичките партии во Македонија. И на двете анкети огромен раст има и на рејтингот на ВМРО ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.

Но, очигледно резултатите од истражувањата не му одговараат на СДСМ, па така преку своите медиуми се обиде да ги спинува информациите, ставајќи акцент на податокот дека претседателот на оваа партија, Зоран Заев, е моментно најпопуларен политичар во Македонија.

Но, ако малку се анализираат податоците и ако се земе во предвид на пример анкетата на МЦМС објавена на крајот од мај, лани, ќе се види дека всушност Христијан Мицкоски е политичарот со најголем раст на рејтингот. Инаку, анкетата на МЦМС е направена во период кога Мицкоски бил на чело на ВМРО ДПМНЕ само пет месеци. Имено, според анкетата на МЦМС, Мицкоски тогаш имал рејтинг од 2,9 отсто, а ВМРО ДПМНЕ од 20,6 отсто. Во таа анкета СДСМ има рејтинг од 25,5 отсто, а Зоран Заев од 24,1 отсто.

Анкетата на „Детектор“ на Сител ТВ, направена од Институтот за политички истражувања – Скопје, а објавена вчера, покажува дека моментно рејтингот на Христијан Мицкоски е 12,1 отсто, додека на Заев 14,5 отсто. Ова истражување покажува и водство на опозицијата за 3 процентни поени. На прашањето доколку следната недела се одржат предвремени парламентарни избори 21,1 отсто од од граѓаните се изјасниле дека ќе го поддржат ВМРО-ДПМНЕ, додека 18,1 отсто ќе гласаат за владејачката СДСМ.

Според ова произлегува дека популарноста на Заев се намалила и тоа за речиси двојно, додека на Мицкоски се зголемила за фантастични 9,2 отсто. Во однос на партиите ВМРО ДПМНЕ од минус пет отсто во однос на СДСМ, се искачила на плус 3 отсто. СДСМ има пад во рејтингот за 7,4 отсто, а ВМРО ДПМНЕ раст од 0,5 отсто.

Во анкетата на „Маркет Вижн“, пак, објавена минатата недела, на прашањето „ако утре се одржат парламентарните избори (за избор на влада) за која партија би гласале“, според определените анкетирани граѓани ВМРО-ДПМНЕ води пред СДСМ со 8 отсто. За ВМРО ДПМНЕ би гласале 39,8, додека за СДСМ 31,2 отсто од испитаниците.
Во истата анкета оние граѓани, кои се изјасниле за која партија ќе гласаат, одговарале и на прашањето како ја оценуваат работата на лидерот, при што Зоран Заев има највисока оценка 4,59, додека оценката за Христијан Мицкоски е Христијан Мицкоски 4,20.

Севкупно земено од овие анкети произлегува дека е повеќе од очигледна е разочараноста на македонските граѓани од владеењето на СДСМ, и незадоволството од Зоран Заев како премиер, бидејќи и на двете анкети бележат пад во рејтингот.

Од друга страна, истражувањата покажуваат дека Христијан Мицкоски ја предводи ВМРО ДПМНЕ во вистинска насока и дека очигледно неговата работа и секојдневните многубројни контакти со граѓаните вродуваат со плод, бидејќи има одличен раст на неговата популарност.

Но, до редовните парламентарни избори во Македонија преоостанува уште само една година, а ако продолжат трендовите, како што покажуваат досегашните анкети, не се исклучува можноста рејтинзите на СДСМ и на Зоран Заев да дојдат на ниво на статистичка грешка, бидејќи една година е премалку за да се направи било што квалитетно и позитивно за Македонија и за нејзините граѓани, и со тоа евентуално само да се запре падот на популарноста.

Автор: Дејан Николовски