И Уставот пречка за желбата на ДУИ за Албанец премиер со ротација

1196

Планот на партија на Али Ахмети преку ротација во премиерската фотелја да дојде до реализација на идејата за прв Албанец премиер се соочува со повеќе пречки отколку неприфаќање на потенцијалните коалициони партнери.

И Уставот, според правните експерти, не дозволува извршување на такво сценарио со поделба на највисоката функција. Професорката по Уставно право на Правниот факултет, Тања Каракамишева вели дека не постои уставна, ниту друга правна можност за ротирачко претседателство во владата.

„Нов премиер значи нова влада! Не постои уставна, ниту друга правна можност за ротирачко претседателство во владата. Согласно Уставот тоа е невозможно. Секоја смена на претседателотна владата значи избор на нова влада.ако претседателот на владата поднесе оставка тоа значи оставка на цела влада. Ако на владата и се изгласа недоверба тоа повторно значи избор на нова влада. Сонот на ДУИ не може да биде јаве со овој устав!“, пишува професорката на Фејсбук.

Весникот „Коха“ синоќа објави дека СДСМ, ДУИ  и ДПА веќе постигнале договор за формирање на владина коалиција и дека дел од договорот е и ротација на премиерското место. Според договорот, Заев би бил премиер три години, а една година би бил Насер Зибер, кого ДУИ го кандидираа за прв Албанец премиер.

Партиското раководство на  СДСМ со штури одговори на новинарските прашања негираа дека има договор за влада со ДУИ и дека прифатиле Албанец премиер. Дека нема ваков договор тврдат и од ДУИ. Сепак , дел од политичките аналитичари сметаат дека и покрај ваквите изјави од партиските штабови во позадина се одвиваат разговори за влада и дека тие се дури и во завршна фаза.

Официјалниот старт на преговори за влада се очекуваат по вторник за кога е закажана конститутивната седница на Собранието. По ова претседателот на државата има 10 дена за да го додели мандатот за формирање Влада. Мандатарот потоа има рок од 20 дена до Собранието да предложи владина програма и состав на владиниот кабинет.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.