И во Чешка потврден „британскиот“ сој на коронавирусот

Чешка во понеделникот потврди дека го открила новиот позаразен сој на коронавирусот во земјата, кој првпат беше откриен во Велика Британија, соопшти Националниот институт за јавно здравје.

Портпаролката на институтот соопшти дека мутацијата е докажана во дел од примероците кои се секвенционирани, како и дека се продолжува со секвенционирањето на другите примероци. Најави дека повеќе информации ќе бидат објавени во вторник.

Чешката Република, која има 10,7 милиони жители, по одличното справување со епидемијата на почетокот од минатата 2020 година, сега е една од најтешко погодените земји во пандемијата на коронавирусот особено во вториот бран со 14.449 смртни исходи или повеќе од 150 починати дневно во повеќето денови во јануари.

Според досегашните сознанија за сојот на SARS-CoV-2 откриен во Велика Британија, тој е позаразен што значи поголем притисок врз здравствениот систем, но не предизвикува потешка форма на болеста и не влијае врз смртноста.

Чешкиот министер за здравство Јан Блатни изјави на прес-конференција во понеделникот дека во околу 10 отсто од последните случаи на коронаинфекциите би можело да се работи за новиот сој.

„Неговото брзо ширење значи дека порано или подоцна ќе надвладее над побавниот, така што имаме неколку месеци силно да одговориме. Нашиот одговор е да се задржат мерките, вакцинирањето да се обидеме да вакцинираме што е поскоро можно, особено најчувствитениот дел од населението“, изјави Блатни пред новинарите.

Министерот рече дека владата ќе ги остави на сила мерките за затворање со цел да го намали притисокот врз болниците и дека речиси сите училишта и поголеми продавници ќе бидат затворени, и покрај показателите дека се намалува бројот на новите случаи.

Многу болници во неколку чешки региони минатите седмици беа на границата на крахирање, главно поради недостигот од кревети на одделите за интензивна нега и персонал поради заразите и карантинот.

Блатни рече дека долгорочно здравствениот систем би можел да се грижи за околу 2.000 заболени од Covid-19, а притоа и нормало да се грижи и за другите пациенти, а таа бројка последниот пат била забележана на почетокот од октомври. Во неделата во болниците имало 6.330 ковид-пациенти, според податоците од министерството за здравство, што е помалку од овомесечниот пик кога се забележани 7.460 пациенти.