И во Сараево се одбележа годишнината од загинувањето на македонските мировници

Делегација предводена од Државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски заедно со претставници на Армијата на Република Македонија им оддадоа почит на трагично загинатите војници и положија венец со свежо цвеќе на спомен обележјето во кампот Бутмир во Сараево.

На комеморативната церемонија Државниот секретар во Министерството за одбрана м-р Сашо Стефаноски ја потенцираше големата загуба на Армијата на Република Македонија и улогата кои Македонските војници ја имаат во придонесот кон глобалната безбедност и светскиот мир како и кон создавање на траен мир и безбедна средина на регионално ниво.

“Загубата на нашите 11 мировници е прва непреболена загуба на Република Македонија во нејзиниот придoнес кон глобалната безбедност и светскиот мир. Загинатите мировници беа одлични и достојни промотори на заложбите на Република Македонија во придонесот за создавање траен мир и безбедна средина во нашиот Регион“, рече Стефановски.

Воедно, во кампот Бутмир, државниот секретар Стефаноски, како што информираат од Министерството за одбрана, остварил средба и со командантот на ЕУФОР, генерал-мајор Дитер Хеидекер, на која беше реафирмирана поддршката на државата во воспоставувањето, одржувањето и унапредувањето на регионалната стабилност и безбедност, како и развојот на регионалната соработка, како темел на мирот во овој дел од светот. Генералот Хеидекер се заблагодари за придонесот на Република Македонија во рамки на операцијата ЕУФОР-АЛТЕА и посочи дека македонскиот контингент професионално и вешто ги извршува доделените задачи.