ИЈЗ располага со доволно тестови за мајмунски сипаници

Институтот за јавно здравје располага со доволна количина на тестови за детекција на мајмунски сипаници, соопштија денеска од Министерството за здравство. Од таму посочуваат дека дел од тестовите се набавени со сопствени средства на Институтот, а дел преку Светската здравствена организација (СЗО).

– Со СЗО сме во постојан контакт во однос на навремено планирање на наредни чекори следејќи ги стручните проценки и препораки – посочија од МЗ, како и дека тестирањето се врши само во Институтот за јавно здравје, како референтна лабораторија, преку земање брис.

Посочуваат дека има протоколи како да се детектира болеста со тестирање. Пациент кој има симптоми на осип по телото прво треба да се јави кај матичен доктор, кој го препраќа кај инфектолог кој ја препознава клиничката слика и потоа упатува на тестирање во ИЈЗ. Брис се зема од промената на кожата, а има и резервен начин за земање брис од грло, во ретки случаи.

Тестирањето е бесплатно за пациентите по претходно утврдена индикација од страна на инфектолог.

Комисијата за заразни болести вчера препорача воведување мерки изолација/карантин и тоа изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање, изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите, како и секојдневно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден.