И за Ангеловски последен меч: Среќен сум што работев со ваков капитен и човек како Пандев!

Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев објави крај на репрезентативната кариера после утрешниот последен меч за Македонија на Еуро 2020 против Холандија во Амстердам (18 часот), а последен меч многу извесно е и за селекторот Игор Ангеловски, чиј договор официјално истекува за нешто повеќе од еден месец.

Ангеловски после историскиот успех и двомесечното одложување на продолжувањето на соработката доби само шестмесечна соработка, како најава дека ФФМ едвај чека да го откачи кормиларот на националниот тим после пет ипол години на клупата, иако официјално околу селкторската позиција сѐ уште нема ништо од куќата на фудбалот.

Од поодамна е познато дека Ангеловски и раководството на ФФМ се во лоши односи, кулминација на сѐ беше кога Пандев обелодени дека првиот човек Муамед Сејдини сакал да го смени селекторот уште пред баражите со Косово и Грузија, па тешко за верување е дека популарниот Мрме повторно ќе добие договор за да продолжи да ја води репрезентацијата од септември во продолжението од мундијалските квалификации.

„Договорот мој завршува, а јас само можам да кажам благодарам на човекот што седи до мене (Горан Пандев – н.з.), најдобриот фудбалер во историјата на македонскиот фудбал. Среќен сум што работев со таков капитен и таков човек. Знаеме каде бевме пред пет ипол години, на 162-то место на ФИФА, а каде ја донесовме Македонија – на Европско, второ место во квалификации за СП. Тоа доволно говори за сѐ што направивме. Јас максимално посветено до последен ден ќе го одработам договорот, а не сакам ништо да говорам за иднината“, рече Ангеловски.

Откако Македонија почна да се подготвува за ЕП, веќе три шпекулации за Ангеловски се појавија, прво за евентуално заминување во Џенова, па во ривалската Сампдорија, а денеска и во турскиот гигант Фенербахче.

Ангеловски во пресрет на овој меч со Холандија, кој веројатно ќе му биде последен како селектор, посочи дека Македонија ќе проба да се бори за да стигне до позитивен резултат и на најубав начин да го заврши дебито на ЕП.

„Холандија е апсолутен фаворит, знаеме која е Холандија, бивш европски првак, селекција која постојано е во круг на кандидати за евротитулата. Но, ное мора да одиграме како второто полувреме со Украина. Да ги повториме добрите моменти од тој меч. Треба да пробаме да одиграме против изразит фаворит, да се бориме да стигнеме до позитивен резултат. Против такви селекции мора да се извади максимумот и да го покажеме нашиот квалитет“, рече Ангеловски.