IAEA: Иран и натаму ги почитува своите обврски од нуклеарниот договор

Иран и натаму ги почитува своите обврски преземени од нуклеарниот договор, познат како Заеднички план за сеопфатна за акција (Joint Comprehensive Plan of Action – JCPOA) склучен во 2015 година со шесте големи сили, наведува Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) во редовниот тримесечен извештај објавен во петокот, додека САД и натаму вршат притисок врз своите сојузници да се повлечат од договорот.

Спомената агенција на Обединетите нации повторно потврди дека Иран не збогатувал ураниум на забранетото ниво, ниту направил тајни резерви, согласно со одредбите од договорот чијашто цел е да се гарантира дека Техеран нема да може да произведе атомска бомба.

Оваа очекувана пофалба доаѓа една седмица откако американскиот потпретседател Мајк Пенс му се закани на Иран со нови санкции и бараше од европските сојузници потписници на договорот – Велика Британија, Франција и Германија, и тие да излезат до договорот кој беше постигнат по долгите дипломатски напори во кои беа вклучени и Русија и Кина.

На конференција на 14-ти февруари во Варшава, на која учествуваа и претставници на Израел и високи претставници на арапските сунитски земји кои се регионални ривали на шиитски Иран, Мајк Пенс го нарече „најголемата опасноста“ на Блискиот исток, и го обвини дека подготвува „нов холокауст“. Пенс, исто така, предупреди дека шемата којашто ја воспостави Европската унија за да се олесни тргувањето со Иран „обид да се кршат американските санкции против иранскиот убиствен револуционерен режим“.

Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека Иран не се откажал од развојот на нуклеарно оружје, без оглед на спротивните заклучоци на американските разузнавачки служби и набљудувачите на IAEA. Вашингтон, покрај тоа, го загрижува и иранската програма за развој на балистички проектили.

Европските партнери го отфрлија барањето на Пенс и оценија дека договорот се почитува. Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф, пак, во неделата ги нападна САД обвинувајќи ги дека се „патолошки опседнати“ со Иран и сака да го „фрли на колена“.