IAEA подготвува инспекции на две локации во Украина поради тврдењата за „валкана бомба“

Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) се подготвува следните денови да испрати инспектори за да испитаат две локации во Украина на барање на Киев, објавено е во понеделникот, по тврдењата дека украинската власт подготвува провокација со ткн „валкана бомба“ а истовремено Москва побара седница на Советот за безбедност при Обединетите нации на истата тема.

„Меѓународната агенција за атомска енергија е свесна за неделните изјави од Руската Федерација за наводни активности на две нуклеарни локации во Украина“, објави IAEA во соопштение.

Агенцијата додава дека двете локации, кои не се прецизираат во соопштението, биле веќе предмет на нејзини инспекции, а еден од нив пред еден месец, како и дека се подготвува нејзините инспектори да ги посетат следните денови.

Во руските информации се прецизираше дека водството на украинскиот комбинат за рударство и преработка лоциран во градот Желти Води во Днепропретровскиот регион, во централно-источна Украина, како и од Киевскиот институт за нуклеарни истражувања, добиле задача да направат „валкана бомба“. Се додава дека подготовките се во „завршна фаза“.

Москва, исто така, наведе дека во неодамна формираната компанија за преработка на радиоактивен отпад „Вектор“, во хемиската фабрика во Придњепровск, на локациите за складирање на радиоактивниот отпад „Бурјаковка“, „Подлесни“, „Росојх“ може да се сместат повеќе од 50.000 кубни метри радиоактивен отпад, кој исто така може да биде искористен за правење „валкана бомба“, а погонот за рударство и преработка „Васточни“ ископува ураниумска руда

Русија ја обвинува Украина, по добиени „веродостојни проверени информации од разни извори, вклучително и странски“, дека подготвува провокација со „валкана бомба“ или нуклеарно оружје со мала моќност за што ќе ја обвини Москва. Киев негира и тврди дека таквото обвинение е „знак дека Русија самата планира таков напад“ за да ја обвини Украина.

Русија истовремено побарала во вторникот расправа на Советот за безбедност при ОН за наводната претстојна провокација на Киев со „валкана бомба“.

„Руската Федерација побара дискусија под разделот ‘разно’ (која се одржува зад затворени врати) за ситуацијата со претстојната провокација со употреба на валкана бомба за утре“, го цитира агенцијата РИА својот неименуван соговорник од седиштето на ОН во Њујорк.