Иако не е потпишан, правно е обврзувачки договорот од Охрид, вели Ескобар

Специјалниот пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска изјави дека договорот постигнат во Охрид пред два дена е чекор кон нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и дека е правно обврзувачки, иако не е потпишан.

На онлајн прес конференција Ескобар истакна дека е потребна голема храброст и визија од српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на привремените институции Албин Курти за да се стигне до таму.

– Овој договор е правно обврзувачки за двете страни. Иако не е потпишан, тоа е договор во секоја смисла – рече специјалниот пратеник и прецизираше дека тоа навистина значи во секоја смисла.

Според него, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, јасно ставил до знаење дека страните се обврзале и дека спроведувањето на договорот ќе влијае на европскиот пат на двете страни.

– Договорот е пат кон помирување на Србија и Косово. Важно е да разјасниме како ќе постапат двете страни. Имплементацијата мора да почне веднаш и двете страни ќе имаат корист од тоа. Сметам дека најважни се евроатлантските интеграции. Ќе направиме напредок само ако договорот почне да се применува што е можно поскоро. За двете страни е важно да се спроведе сѐ што остана од Бриселскиот договор. Тоа се очекува од двете страни. Ќе продолжиме да работиме со двете страни и со нашите партнери – рече тој.

САД уште еднаш укажаа дека целосно го подржуваат зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, и сакаат земјата да стане полноправна членка на Унијата што побргу, но ги следат многу внимателно и постапките на Косово и Србија за имплементација на договореното во Охрид, и ќе продолжат со активна подршка за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград, истакна специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

На денешниот брифинг за новинарите по повод успешната средба и договорот постигнат во Охрид, Ескобар изјави дека сите земји од регионот заслужуваат забрзан влез во ЕУ, но дека тоа нема да биде можно без регионално помирување и меѓусебно признавање.

Тој укажа дека и покрај тоа што во Охрид не се потпиша ништо, договор постои и тој ќе се третира целосно сериозно и е правно издржан.

-Ова е законска обврска договорена како од Србија така и од Косово. И Европската Унија потврди дека има договор, а тоа го потврдија и двајцата лидери. И навистина не е потребно да се фокусираме на потписите, договорот е тука и ќе продолжиме напред – изјави Ескобар.

Тој рече дека земјите од регионот се европски, нивната култура и историја се европски и укажа дека со „напорите на Северна Македонија да биде домаќин и учесник во меѓународна мировна конференција која заврши успешно, регионот може да влијае позитивно на сопствената стабилност и безбедност, а со тоа и пошироко на европската безбедност“.

– Мојата порака до Европската Унија е дека Западен Балкан е област на можности, не област на ризик – рече Ескобар.

Тој одговори потврдно на прашање од новинар дали Србија и Косово треба да го гледаат како успешен пример договорот од Преспа склучен меѓу Северна Македонија и Грција. Рече дека тоа е „најуспешниот модел за меѓуетничка хармонија во регионот“.

– Во случајот со Србија и Косово, се надеваме дека тие ќе ги следат односите меѓу Грција и Северна Македонија како добар пример. Всушност, имаше многу симболизам во Северна Македонија, земја која има добри односи како со Србија така и сo Косово… (Договорот од Преспа) е најуспешниот модел за меѓуетничка хармонија во регионот и имаше бројни причини зошто Охрид беше избран… И мило ми е што се постигна успех и што средбата се случи таму – изјави Ескобар.

САД, посочи Ескобар, знаат дека Русија со употреба на медиумска дезинформација и онлајн активности е вклучена во опозицијата на овој план за нормализација на односите, но и во попречувањето на евроатлантската интеграција на сите земји од регионот.

– Постои огромна количина на руско злонамерно влијание во овој процес – смета Ескобар.

Тој укажа дека во регионот постојат поединци и групи кои го поддржуваат рускиот наратив, но, како што наведе, „овој проблем е локален за кој треба локални решенија и е долготраен, а Русија се обидува да создаде проблеми внатре во постоечките проблеми, да става препреки на евроатлантската интеграција на регионот“.

– Но реално, проблемите остануваат и се проблеми на регионот и треба да бидат решени преку она што треба да се случи, а тоа е регионално помирување. Можам да кажам дека за време на преговорите во текот на денот, Русија ниту беше спомената ниту беше присутна, и ако таа испрати некакви пораки преку викендот тие не беа ефективни. Имаше успешна завршница и поставивме мошне успешна насока за регионално помирување. И сметам дека тоа е позитивно – рече Ескобар.

САД се надеваат дека Косово, кое е дел од европското семејство, ќе биде признато од сите останати земји од Европа, вклучително и петте кои сѐ уште не го признале (Грција, Кипар, Шпанија, Словачка и Романија).