Ибрахимовиќ се враќа во Шведска по крајот на сезоната

Златан Ибрахимовиќ ќе го напушти Милан по крајот на сезоната. Со оваа вест излезе италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, кој додаде дека напаѓачот ќе се врати во родната Шведска и ќе игра во локалната лига, за екипата на Хамарби.

Синоќа поранешниот шведски репрезентативец беше тестиран негативно за КОВИД-19 и веднаш сподели фотографија на социјалните медиуми, во која тој стои на терасата на својот дом во Милано. Фотографијата беше придружена со текстот „Бог се враќа и ве гледа“.

Сепак, „Кориере дела Сера“ верува дека Златан нема да го обнови договорот со Милан и дека е подготвен да си замине по крајот на сезоната.

Ибрахимовиќ купи дел од акциите на Хамарби, со чиј тим тренираше и за време на карантинот. Ова го натера да ја разгледа можноста да игра трајно за клубот, иако фудбалерот ја започна својата кариера во големиот непријател на Хамарби – Малме.