Ибраими ја мерка мрежата на Рома, Пандев таа на Парма

Вкупно пет погодоци беа постигнати на првите два натпревара од 32. коло во италијанската Серија А.

Предноста на домашниот терен повторно не се покажа како доволна за фудбалерите на Интер кои иако во два наврати имаа минимално водство, на крајот освоија само еден бод во дуелот против гостинскиот тим на Болоња.

Во самиот финиш од натпреварот, искусниот напаѓач на Интер, аргентинскиот интернационалец Диего Милито промаши удар од белата точка.

Саботниот дерби натпревар помеѓу градските ривали, Киево и Верона заврши со минимален триумф на условно кажано гостинскиот тим, а единствениот погодок на натпреварот беше дело на искусниот напаѓач, Лука Тони.

Фудбалерите на Рома денеска ќе се обидат да забележат позитивен резултат во дуелот против секогаш незгодниот тим на Калјари, а голема е веројатноста, овој дуел од првата минута да го стартува и репрезентативецот на Македонија, Агим Ибраими.

Победата е единствената опција и за фудбалерите на Наполи кои гостуваат во Парма, а според последните информации кои пристигнуваат од Италија, поранешниот репрезентативец на Македонија, Горан Пандев, најверојатно ќе биде дел од почетниот состав.

Денеска на програмата: Лацио – Сампдорија, Аталанта – Сасуоло, Калјари – Рома, Парма – Наполи, Каранија – Торино, Фиорентина – Удинезе.