ИД ја презема одговорноста за нападот во Мали во кој се убиени 49 војници

Џихадистичката групација Исламска држава (ИД) ја презема одговорноста за нападот изведен во петокот во кој се убиен 49 војници на Мали во североисточниот дел од земјата, што е еден од најкрвавите напади по џихадистичката офанзива во Мали во 2012 година.

„Војниците на калифатот ја нападнаа воената база во Инделимане, во покраината Менаки, во која се стационирани силите на отпадничката војска на Мали“, се наведува во соопштението на фракцијата Покраина западна Африка која хиерархиски се потчинува на Исламската држава и во кое се додава за „судири во кои се користени разни видови оружје“.

Соопштението, објавено на мрежата на Исламска држава на Telegram, се појави една седмица по загинувањето на водачот на организацијата Аби Бакр ал-Багдади во американската операција во Сирија.

Нападот се случил рано утрото во петокот во воената база во областа Инделимане во северниот дел на Мали, кој се граничи со Нигер, соопшти војската. Овој напад следеше по нападот во кој на почетокот од октомври беа убиени 38 малиски војници на две воени позиции.

Насилствата и нападите се чести во централните и северните области на Мали, особено по воениот удар од 2012 година, кога бунтовничките групи ја преземаа контролата над регионот. Воените операции на француските и африканските војски, заедно со напорите на малиската војска, ги разбија милитнатните и повторно овозможија владата да ја презема контролата над областа. Но и покрај потпишувањето на разни мировни договори, активностите на бунтовниците и воените операции продолжуваат.

Во саботата вечерта Елисејскиот дворец потврди дека француски војник загинал во Мали во текот на антитерористичка операција. Според официјалното соопштение, војникот бил во оклопно возило кој налетал на подметната импровизирана експлозивна направа.

Од август 2014 година Франција ја започна воената операција „Бархан“ насочена против исламистичките групации во петте земји од Сахело-сахарскиот регион (Мали, Буркина Фасо, Мавританија, Нигер и Чад). Станува збор за продолжение на операцијата „Сервал“ која француската војска ја спроведуваше во 2013/2014 година во Мали.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.