Ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД) потврди во четвртокот дека нејзиниот водач Абу Бакр ал-Багдади загинал во нападот на американските специјалци во североисточната сириска покраина Идлиб и најави одмазда за САД.
Новинската агенција Amaq, која објавува вести поврзани со Исламската држава, објави претходно аудио-снимка во којашто се потврдува дека ал-Багдади е мртов и оти за негов наследник на чело на џихадистичката терористичка мрежа е именуван Абу Ибрахим ал-Хашеми ал-Куреши. Станува збор за релативно непознат милитант, а стручњаците за Исламската држава велат дека може да станува збор за еден од поистакнатите борец попознат како Хаџ Абдулах, кого САД го наведувале како потенцијален нов лидер на организацијата.
Исламската држава која од неделата не се огласуваше за смртта на ал-Багдади, истовремено во четвртокот го потврди и загинувањето на неговиот портпарол Аби ал-Хасан ал-Муџахир, кој исто така беше споменуван како еден од можните наследници на чело на терористичката мрежа.
Лицето кое во аудио-снимката зборува од името на Исламската држава им се обраќа на борците и во врска со САД. „Одмаздете им се на нивната нација и на нивните браќа неверници и отпадници, спроведувајте ја волјата на командантот од последната аудио-порака и преку крвта на повеќебошците приближете му се на Бога“, рекол џихадистот.
Ал-Багдади во споменатата порака објавена во септември рече дека акциите на џихадистите се изведуваат секојдневно и повика да се ослободат жените заточени во Сирија и во Ирак, поради нивните наводни врски со Исламската држава. Рече, исто така, дека САД и нивнтие сојуници се поразени во Ирак и во Авганистан, како и дека Американците се „вовлечени“ во Мали и Ирак.
Ал-Багдади, ирачки џихадист кој од анонимен припадник на Ал Каеда се издигна до лидер на многу порадикалната и брутална ривалска групација Исламска држава и се прогласи „калиф“, ноќта кон неделата беше убиен од американските специјалци, објави американскиот претседател Доналд Трамп. Ал-Багдади загинал детонирајќи експлозивен елек во тунел без излез, опколен од американските војници.