Конкретно, ваквата невообичаено брутална бугарска позиција во однос на Македонија се демонстрира во објаснувачкиот Меморандум што неодамна го испрати до членките на Европската Унија, а со цел неговата контрoверзна содржина да стане составен дел на критериумите за отворање преговори за политичко, економско и културно интегрирање на нашата земја како членка на глобалното семејство на европските народи.
Овој акт не може да се прифати поинаку освен како демонстрирање на агресивна и заканувачка дипломатија, што треба да резултира со безобзирна асимилација на македонскиот културноисториски и национален идентитет – а тоа во современите глобални цивилизациски и интеркултурни односи меѓу народите претставува грубо нарушување на меѓунационалните разбирања и почитувања со различностите и со сличностите.
Во тој контекст укажуваме дека досега во современите меѓународни односи се нема случено ваков антицивилизациски преседан со тенденција за негирање и асимилација на еден народ и на неговата историска и културна традиција. Затоа и не беше случајно формирањето на меѓународните светски институции за да го штитат нарушувањето на рамноправниот светски поредок, а и да ја гарантираат сувереноста на народите преку универзалното право на самоопределување и самоизјаснување.
Јавно повикувам, македонската историографија и хуманистичките научни области од македонистиката безрезервно да се ослободат од теророт на политиката и суверено да им се остават на автономното толкување од македонските и пошироко од светските научни институции, како и од научните истражувачи македонисти и балканисти. Притоа без да се сервираат компромисни решенија од политички формирани „експертски комисии“, зашто науката и процесот на националното образование не можат да се изложуваат на пазарања и на поткусурување во прилог на подмирување на еднострани или на лични интереси од најразлична природа.
Научната јавна сцена е полигонот за спротивставување и за усогласување на фактите преку научни конференции, расправи, полемики или преку објавени прилози во монографии и во научна периодика.
Меѓу македонската и бугарската академска и научна фела засекогаш ќе остане предизвик да се толкува феноменот на споделеното културноисториско искуство, особено што во порано реализираната бугарска културна и национална преродба од вторатаполовина на XIX век учествувале и Македонци по род. Ваквата меѓунационална партиципација била вообичаена за тоа време и меѓу другите народи и национални култури. Затоа од современа дистанца на толкување тоа не треба да буди историски фрустрации во бугаристиката, па од позиција на привилегирана државна политичка моќ да се демонстрираат неоправдани рецидиви на инфериорност преку асимилација на македонскиот истортриски, културен и национален идентитет.
Се очекува од хиерархијата на Европската Унија во Брисел да го осуети ваквиот асимилаторски и нецивилизациски однос кон македонската држава и кон македонскиот народ, зашто во спротивно, пред идната историја се рескира благородната идеја за евроинтеграција да се претвори во посредно учество на груб геноцид врз еден со векови постоечки народ –македонскиот.
РЕАКЦИЈА на проф. д-р Илија Велев, редовен професор и научен советник во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во врска со т.н. објаснувачки Меморандум на Република Бугарија до членките на Европската Унија во Брисел.