Идентификувани налогодавачите за убиството на малтешката новинарка

Идентификувани се налогодавачите за убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција, убиена на Малта минатата 2017 година во атентат со автомобил бомба, рекле полициски извори на коишто се повикува весникот The Sunday Times of Malta.

Според изворите на весникот, група од повеќе од двајца Малтежани го наредила убиството на новинарката. Тројца осомничени за убиството се уапсени претходно, но не е познат идентитетот на вистинските налогодавачи.

Каруана Галиција беше убиена на 16-ти октомври 2017 година, на 53-годишна возраст, со бомба подметната во нејзиниот автомобил. Таа ги истражуваше аферите со перење пари и криумчарење нафта во кои биле вклучени и членови на владата на Малта, земја членка на Европската унија, и припадници на организираниот криминал. Во својот блог директно ги обвинуваше малтешките политичари.

Синот на новинарката кон крајот на октомври годинава предупреди на системот на неказнивост, кој според него на Малта ги штити налогодавачите на убиството на неговата мајка.

Тројцата уапсени на 4-ти декември 2017 година, браќата Алфред и Џорџ Деџорџо и Винс Маскат, обвинети се за убиство, но синот Метју истакнува дека тие се извршители, кои се на дното од веригата и тврди дека се’ уште „не се знае кој ги испратил и кој им платил“.

Семејството на Каруана Галиција изјави во неделата дека полицијата по службен пат не ги известила дека налогодавачите се идентификувани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.