Идентификувани сите девет лица кои се превезувале со пациентката позитивна на коронавирус

Идентификувани сите девет патници кои биле во комбето со жената заразена со коронавирус и тие ќе бидат ставени во изолација, соопшти вечерва на вонредната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Заболената пацинетка од новиот сој коронавирус Covid-19 е во добра општа состојба. Сместена е во интезинва нега на Инфективната клиника со лесна форма на вирусот, односно зафатено ѝ  е само едно белодробно крило, изјави Филипче.

„Идентификувани се сите патници од комбето. Имало девет луѓе, осум патници и возачот. Идентификувани се на едно место во Скопје и три места во Струмица. Во овој момент веќе се упатени екипи од епидемиолози да се направи прегледот и анкетата за дознавање податоци со кој се лица денеска овие патници комуницирале. Најпрво вечерва сите ќе останат во домашна изолација со полициски надзор. Во однос на податоците со колку луѓе контактирале, ќе се одреди дали ќе продолжи изолацијата или ќе бидат префрлени во инфективните одделенија за надзор“, додаде Филипче.

Дополни дека патничката не дала вистински информации на самиот граничен премин, инаку би било интервенирано на лице место.

„Сакам да упатам апел дека нема простор за паника. Имало порано епидемии, нема потреба од снабдување некакви залихи. Уште од почетокот се преземени мерки и беше земено во предвид дека вирусот е асимптоматски. Апелирам да се информираат граѓаните од министерството за здравство. Во тимот кој го прати ова членуваат искусни луѓе“, порача Филипче.