Идеолошки хермафродити

Римскиот филозоф Сенека ќе запише дека: „не е невообичаено големите крадци да се возат во триумф, додека малите се казнуваат“. 2.000 години подоцна, македонскиот концепт на правда, замислен според „словото“ на Заев и неговоте следбеници, ја потврдува ваквата поента.

Очигледно е дека самопрогласената политичка и финансиска елита во државава редовно прави работи што, ако јас или вие ги сторевме, ќе не затвореа. Вака замислениот систем на правда во Македонија гарантира дека тие се имуни од гонење, лиценцирани се да дејствуваат без ограничувања, додека политичките и економски немоќни се затворани со таква леснотија и во се поголем број што станува застрашувачки.

Оваа состојба е полоша од неподнослива. Зар уште некој верува дека еднаква правда според законот е најинспиративниот идеал на нашето општество и македонската политика? Дека тоа е една од целите заради која постои целиот наш правен систем? Правдата да биде иста, по суштина и достапност, без оглед на политичкиот и економскиот статус. Можеби кога би се „зезале“. Или ако го слушаме Заев.

Да не бидам погрешно сфатен. Еднаквоста пред законот е навистина величествен принцип. Загарантиран со уставот. Но, реално оддамна се оддалечивме од овој принцип. Сега со оваа власт подалеку не може да биде. Обичниот граѓанин е подложен на неверојатно груб и одмазднички систем на кривична правда, додека елитите (ако може да се наречат оние што бегаа од часови да станат премиери или бизнисмени) ќе се извлечат со опомена, уживајќи целосен имунитет. Лицемерието со оваа власт и овој правосуден систем го направи Уставот смешен. А со него и концептот на правда.

Зар уште некој верува во приказните дека политичарите од „правиот пат“ го имаат монополот на вистина и правда во државава. Жално и очајно ако стварно веруваат дека можат да допрат до вистината и да ја обезбедат правдата, оние што се бескрајно  корумпирани, неспособни и беспомошни во она што го прават на тоа поле.

Ни помина младоста и го потрошивме животот со приказните за чесноста, посветеноста и моралот на македонските политичари. И кога постоеа сомнежи сакавме да веруваме дека барем дел од она што го говорат и ветуваат е вистина и дека политиката што ја водат е раководена од некои повисоки принципи. Кои принципи? Жива превара. Освестувањето доаѓа отпосле.

Сепак, најдалеку отиде Заев во вака вештачки креираната илузија на реалноста, затапувајќи ги сетилата и замаглувајќи ја перцепција на голем дел од населението. Ги зароби судбините на луѓето што му веруваа, манипулирајќи со вистината и правдата. Од самопрогласен буревесник на слободата, вистината и правдата, заврши како нивен инквизитор. Зачинето со ароганција, цинизам и бескрупулозност, неговото разбирање на вистината и правдата се потешко се голта. И останува во грлото да ве задушува. Како диво месо.

Вообичаено, секогаш постоела и ќе постои разбирлива недоверба кај граѓаните во политичарите и политиката. Но ова што ни се случува во моментов во државата е нешто што сериозно би требало да го загрижи Заев, а богами и останатите политички актери. Граѓаните се длабоко разочарани.

Замреа свирчињата. Граѓаните веќе не знаат, не се сигурни во кого и во што да веруваат. Недовербата е генерална.. Не зашто не сакаат, туку зашто е прокоцкана довербата. Погледнете ги последните истражувања. Создадена е нездрава атмосфера на беспоговорен скептицизам. Да биде разочарувањето поголемо, граѓаните престанаа да ја бараат вистината. За правдата да не зборуваме. Таа егзистира само уште во  зборовите на Заев.

Мислам дека многумина вовлечени во политичкиот процес во последниве години, па и некои медиуми, чувствуваат дека заедно тонат во спиралата на лаги, интриги и градење лажни митови. Нема веќе заедничко споделени цели и лојалност, која ги држеше заедно. Нема принципи, зашто никогаш не постоеле.  Само истрошена политичка опција. Која ќе стори се за  да преживее.

Дали Македонија ќе добие ново лидерство за радикален пресврт. Зашто доволно беше од шминкерите на реалноста. Ова повеќе не може да се шминка.

Дали новото лидерство ќе биде јасно идеолошки обоено. Доволно беше лутања во  идеолошкиот лавиринт на политиката. Граѓаните сакаат да се потпрат на идеологијата во нивната калкулација за одлуката што ќе ја носат на кого да го дадат  својот глас на изборите. Зашто имаат идеолошки верувања кои можеби не се секогаш кохеерентни, но постојат.

Не верувам во тврдењето дека идеологијата е инструмент на моќта, или дека ментално ги поробува оние што веруваат во нив. А посебно не дека „идеологијата е мртва“, и дека никој не верува во никаква идеологија денес. Тоа се обидоа да ни  го наметнат  идеолошките хермафродити во македонската политиката. Затоа сме тука кај што сме.  Изгубени негде на  „правиот пат“.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес