Идната директорка на CDC во тимот на Бајден очекува 500.000 починати од Covid-19 до средината на февруари

37

Првиот месец од администрацијата на новиот американски претседател Џозеф Бајден би можел да биде најсмртоносниот период во епидмијата на коронавирусот во САД, предупредува една од неговите највисоки функционерки.

Рошел Валенски, која е номинирана за директорка на Центарот за контрола и превенција на болестите (CDC), очекува дека до средината на февруари бројот на починатите во САД од последиците на компликациите кои ги предизвикува болеста Covid-19 ќе се зголеми на 500.000. Тоа би претставувало раст од околу 100.000 за само неколку седмици, имајќи предвид дека бројот на потврдените смртни случаи во понеделникот беше малку помал од 400.000.

„До средината на февруари очекуваме половина милион смртни случаи во земјата“, изјави Валенски во емисијата „Face the Nation“ емитувана на телевизиската мрежа NBC во неделата.

Ова мрачно предвидување доаѓа по уште една вознемирувачка седмица во САД, со седумдневен просек од 3.300 нови смртни исходи. Последните бројки го одразуваат порастот на бројот на коронаинфекциите и хоспитализациите во повеќе сојузни држави, меѓу кои се Алабама, Аризона, Калифорнија и Флорида.

„А сѐ уште ги немаме видено последиците од патувањата за празниците… Значи, да, мислам дека пред нас се и натаму мрачни седмици“, рече Валенски.

Рошел Паула Валенски, родена Берзоф, е лекар и научник, а во моментов е на чело на одделот за инфективни болести во Општата болница во сојузната држава Масачусетс и професор по медицина на Медицинскиот универзитет на Харвард. Валенски е специјалист за СИДА и ХИВ.

Директорот на CDC во заминување, Роберт Редфилд, упати слично предупредување изминатиот викенд, изјавувајќи во разговорот за американското национално радио NPR дека САД „наскоро ќе се најдат во најлошата“ фаза од пандемијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.