ИДСЦС: Стратегија за работа немаат 40 проценти од јавните претпријатија 

Четириесет проценти од јавните претпријатија немаат стратегија за работа, ниту јасни цели кои треба да ги постигне претпријатието во текот на годината, покажува истражувањето направено од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).

Резултатите укажуваат дека оние претпријатија кои имаат изработено стратегија, во најголем број имаат донесено документ кој е програма за работа за една година и не претставува стратегија.

Само девет од јавните претпријатија опфатени со истражувањето имаат стратегија за повеќе години. Најчесто, стратегија изработуваат оние јавни претпријатија кои имаат законска обврска од регулаторното тело и тоа само во оние делови на претпријатието кое е регулирано од некој регулатор.

– Над половина од претпријатијата опфатени во истражувањето (56 отсто), спроведувањето на стратегијата го прават без системски донесен акциски план, со што значително се намалува можноста за постигнување на целите дефинирани во стратегијата, посочуваат од ИДСЦС.

Според ИДСЦС, стратешкото управување е меѓу послабите практикувани области во управувањето на јавните претпријатија.

Целата анализа може да се најде на веб-страницата на ИДСЦС https://idscs.org.mk/mk/2020/04/07/анализа-на-внатрешни-процедури-и-проц/.