ИФО: Германската економија е во шок

Деловната клима во Германија потона на најниско ниво од 2009 година, соопшти денеска економскиот институт Ифо, предвидувајќи остар пад на активностите во најголемата економија во Европа, како резултат на епидемијата на коронавирусот.

Резултатите од истражувањето за март покажуваат дека индексот на деловната клима паднал скоро 10 поени во март во однос на февруари на 86,1 поени, објави Ифо.
-Ова е најголем пад од германското обединување и најниската вредност (индекс) од јули 2009 година, изјави претседателот на Ифо, Клименс Фуест.

-Германската економија е во шок, заклучи Фуест, укажувајќи на најголемо влошување на деловните очекувања во историјата на истражувањето.

Полоша е оденката за моменталната состојба на бизнисот.

Во услужниот сектор, индексот на деловна клима забележа најголем пад откако Ифо почна да собира податоци во 2005 година. Во индустријата падна на најниско ниво од август 2009 година.
Германската економија може да се намали од пет на 20 проценти оваа година, во зависност од времетраењето на блокадата предизвикана од пандемијата, рече економистот на Ифо, Клаус Вохлабе.
Тој додаде дека во секој случај очекува сериозна рецесија која ќе трае најмалку два квартала.