Игра со броеви или како стигнавме во овој политички ќорсокак

Колку треба да си политички неук, а да се декларираш за политичар, или колку треба да си криминализиран за да не ја видиш новата реалност по изборите во Македонија. А, новата реалност е дека македонските политички партии ќе го немаат решавачкиот збор при конституирањето на новата влада. Владата ќе ја прави албанскиот политички блок. Да бевме нормална држава со нормален политички систем, нешто што не сме, ќе можеше да се расправа за коалиции, малцинска влада, споделени принципи во политиката, идеолошки сличности, поклопувања и слично. Вака во нашиот хермафродитен плурален политички систем многу тешко можеме да расправаме за овие прашања и теми при формирањето на владата.

Не можам да се начудам на победничката еуфорија на „државотворната партија“ која замислете била „сериозна“ партија и така ќе се однесувала во формирањето на владата. Низ разговор, низ дијалог, со прифаќање на принципите за кои се залагала ќе биде основа за да побара поддршка од пратениците во македонското Собрание. Очекува тоа да се случи многу скоро по формирањето на македонското Собрание. Ниту знаеме ниту ќе дознаеме кои се тоа принципи, ниту знаеме колку е спремна да отстапи од нив при формирањето на владата. Ама затоа знаеме дека политичкиот албански блок испорачува барања што се косат со националните интереси на македонската држава. Во држава со крајно спротиставени етничко обоени национални интереси која ќе биде цената што „државотворните“ се спремни да ја платат во замена за официјален договор за поддршка на идната влада ќе дознаеме наскоро.

За малку ќе заборавев дека „државотворната партија“ никогаш и немала некои цврсти принципи во политиката, а не пак да држи до некакви национални интереси, после се’ што и’ направи на државата. Дека е спремна да жртвува и принципи и национален интерес само за да остане на власт веќе се уверивме. Зошто не би и овој пат. Секогаш заборавам дека можат и повеќе и подобро. Кога е во прашање власта.

Арно ама овој пат играта ќе ја води албанскиот политички блок. „Државотворните“ ќе бидат „сериозни“ статисти и активни набљудувачи на процесот. Досега не видовме заедничка програма со нивниот предизборен коалициски партнер од албанскиот политички блок Беса, ниту некој цврст коалициски договор, ако воопшто има таков. Затоа дилемата е со какви позиции и кои ќе бидат црвените линии на „државотворните“ во преговорите за поширока владина коалиција. За жал ќе мора да играат по туѓи ноти. И да голтаат колку можат повеќе заради останување на власт. Во моментов не гледам дека се некој политички фактор, од кого зависи идната коалиција. Ако ја биде. Зашто бројките се неумоливи. Но, да бидам коректен, бројките се неповолни за кого било од македонскиот политички блок.

Ако досега се прашувавме дали можат етничките партии на Албанците да обезбедат ефективно политичко претставување и да создадат трансформации кон суштинска демократија и трансформација кон едно општество за сите, сега може да се прашуваме колку далеку ќе одат во своите барања, кои засега немаат никаква врска со демократијата, човековите права и националните интереси. Не тиранска, не сеалбанска, сега се во позиција да бараат реализација на нивните најлуди политички барања од етничка природа. И не гледам како новата влада може да ги спречи во тоа. Баш ме интересира до кога „државотворната“ партија ќе се обидува да го игнорира ова. И да глуми сериозност во сето тоа.

Се плашам дека Македонија е пред конфликтен избор: да се повикааат гласачите на повторни избори, она нешто што „државотворните“ очајно сакаат да го избегнат, или да формираат коалициона влада во која ќе бидат спореден главен играч. Како ќе функционира ваквата влада во македонското етнички поделено општество, само Господ знае. Дури сега може да се предвидат проблемите и тешкотиите со кои ќе се соочи новата коалициона влада ако се следат барањата на албанскиот политички блок за нејзино учество во таква влада. Како ќе работат заедно во хармонија да ја обезбедат благосостобата за сите во општеството кога имаме јасни политички барања кои излегуваат од познатата уставна рамка за уредувањето на државата? Колку реално може да опстои ваквата влада е прашање?

Како „државотворните“ ќе се спротистават на овие барања остануваме да видиме? Нормално без големи отстапки нема да биде можно да се формира влада. Особено сега кога знаете дека секој глас може потенцијално во секој момент да ја сруши таквата влада. А, зашто би се секирале. Ги видовме капацитетите и потенцијалите на „државотворните“. Сепак се работи за „сериозна“ партија. Кога е во прашање власта и останување во неа по секоја цена.

Од друга страна наивно е да размислувам за коалиција на партиите од македонскиот блок кога други ни ја кројат државата и нејзината иднина, откако ја направија стерилна и неплодна демократија по етнички терк и модел кој е нефукционален за современите демократии. Дури нема модел на кој може да се повикате како пример. Изгледа ние сме уникатни од самите почетоци на независноста. Експериментот наречен Македонија е доведен до совршенство. А, можеби ова е крајот на истиот. Бројките се’ повеќе ме уверуваат дека несовршенството на политичкиот систем е совршено изманипулиран. Целта се насетува ако се следат барањата на Албанците. И кореспондира со ситуацијата на север од државата. Затоа со среќа да ни е новата коалиција и животот што повторно ни се прикрадува во Македонија. Оној во кој ќорсокакот ни е излез.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес