ИЈЗ: Починаа две деца заболени од грип

грип

Во извештајот се наведува дека станува збор за деца на возраст од 3 и 4 години од Кичево и Гостивар, кои биле хоспитализирани на Клиниката за детски болести – Скопје на Одделот за интензивна нега.

Во текот на првата недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 8.067 новозаболени лица на групни пријави за заболени од грип, што претставува намалување од 14,9 отсто во споредба со минатата недела кога беа пријавени 9.485 случаи.

И оваа недела како и минатата, најголем број заболени 1.046 е регистриран на територијата на Центарот за јавно здравје Скопје, а поголем број на случаи пријавени се од центрите за јавно здравје Струмица – 935, Битола – 932 и Подрачната единица во Кавадарци – 764.

Како и претходната, во првата недела од 2017, најголем број заболени односно 70,4 отсто од сите случаи се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, што претставува лесно зголемување на процентуалното учество од претходната недела 65,9 отсто. Во пријавените случаи од првата недела, децата на возраст од 5-14 години учествуваат со 11,7 отсто, лицата над 65 години со 10,7 отсто, а најмал процент отпаѓа на децата од 0-4 години – 7,2 отсто.

Највисока инциденца од 500,0/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години, a кај децата на возраст од 5-14 години инциденцата изнесува 408,7/100.00. Во однос на претходната недела бројот на регистрирани случаи и инциденцата кај децата на возраст од 5-14 години е речиси двојно намален, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје на Република Македонија.