Илјадници Израелци на марш за поддршка на проширувањето на доселеничките населби

Илјадници Израелци, меѓу кои и бројни министри во владата, маршираа во понеделникот кон евакуираниот нелегален пункт Евјатат во близина на градот Наблус во палестинската енклава Западниот брег (на реката Јордан) кој меѓународната заедница го смета за окупирана палестинска територија од страна на Израел во ткн Шестдневна војна од 1967 година, за да го поддржат проширувањето на доселеничките населби, додека растат тензиите меѓу Израелците и Палестинците.

Со истакнување на израелските знамиња, извикувајќи верски слогани и пеејќи религиозни песни, Израелците од целата земја маршираа кој нелегалниот контролен пункт, додека во близина се одржуваше контрапротест на Палестинците. Според палестинската Црвена полумесечина, во судирите со израелските безбедносни сили на контрапротестот бил повреден 191 Палестинец.

„Тука сум да го поддржам барањето за легализација на станбените единици Евјатар, како што е и ветено во рамките на коалициските договори“, изјавил за Reuters Шломо Горен, биолог од градот Бет Шемеш.

„Сега сфаќаат поради што се залагав за воспоставувањето на национална гарда“, изјавил крајно десничарскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир.

Израел минатата седмица го одобри основањето на националната гарда, што го бараше Бен-Гвир а планот беше фокусиран на безредијата со арапското малцинство во земјата, но владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху се откажа од директна уредба откако политичките ривали и опозицијата изразија загриженост дека тие сили може да станат „секташка милиција“.

Во најновиот бран израелско-палестинско насилство што започна во јануари, загинале повеќе од 90 Палестинци и најмалку 19 Израелци и странски државјани. Тензиите се особено високи по израелските полициски рации на платото пред ерусалимската џамија Ал Акса, што предизвика ракетни дуели меѓу Израел и радикалните групации во Газа, јужен Либан и Сирија.

Претходно во понеделникот беше објавено дека мајката на двете сестри, на 20 и на 15-годишна возраст, кои минатата седмица беа убиени во пукање врз нивниот автомобил на Западниот брег, починала од здобиените повреди. Израелските сили сѐ уште трагаат по напаѓачот.

„Трагичната вест е дека и Леа Дее почина по гнасните напади на Западниот брег. Не може да има оправдување за убиството на Леа и нејзините две ќерки Маиа и Рина“, објави на Twitter британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.

Новата крајно десно ориентирана израелска влада донесе неколку одлуки кои го поддржуваат проширувањето на новите доселенички населби на териториите кои меѓународната заедница ги смета за окупирани палестински, на Западниот брег и во Источен Ерусалим.

Во март Кнесетот, израелскиот парламент, го отвори патот за враќањето на еврејските доселеници во четири населби на Западниот брег, откако беше изменет законот од 2005 година. Одликата беше осудена од Палестинската самоуправа и од Европската унија. Меѓународните организации и активистички движења го осудија и ретроактивното признавање на осумте нелегално подигнати населби на Западниот брег, за што израелските власти одлуката ја донесоа во февруари.

Од војната во 1967 година, Израел на областите кои Палестинците ги сметаат за јадрото на нивната идна држава подигнал околу 140 населби. Покрај населбите подигнати со одобрување на владата, групи доселеници без дозвола на владата подигнале уште десетици истурени населени пунктови.

Палестинците сакаа формирање на независна држава на Западниот брег, другата енклава Појасот Газа со Источен Ерусалим како нејзин главен град, територии кои Израел ги освои во Шестдневната војна против арапските земји во 1967 година. Преговорите за палестинската државност под покровителство на САД се запрени уште во 2014 година, а особено не се гледаат шанси за продолжување откако Израел објави дека Ерусалим го смета за своја „историска и неделива престолнина“, а поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2017 година го активираше законот донесен во Конгресот и по децении одложување го потпиша указот за преселување на американската амбасада во Ерусалим. Во тој период продолжи проширувањето на еврејските доселенички населби, а Палестинците сметаат дека таквиот развој на настаните ги поткопа шансите за воспоставување одржлива држава и остварување траен мир во регионот.