Илјадници лица бегаат да се спасат од пожарот кај националниот парк Јосемити во САД

epa10088918 Burned out vehicles left behind from the Oak Fire in Midpines, California, USA, 23 July 2022. The fire began on the edge of Yosemite National Park in the afternoon of 22 July, and rapidly expanded overnight to more than 6,000 acres (2,400 hectares), according to CalFire. Thousands of evacuations have been ordered as the fire continues to grow with zero percent containment. EPA-EFE/PETER DA SILVA

Шумскиот пожар во близина на националниот парк Јосемити во САД прерасна во најголемиот пожар во Калифорнија годинава, предизвикувајќи евакуации на илјадници лица и исклучување на струјата за повеќе од 2.000 домови и деловни објекти.

Пожарот избувна во петокот попладне југозападно од паркот во близина на калифорнискиот град Мидпајнс и до вчера веќе имаше зафатено речиси 38 квадратни километри со густа дабова шума и ниска вегетација, соопшти Управата на Калифорнија за шумарство и заштита од пожари, или попозната како „Кал Фајер“.

Пожарот настанал додека пожарникарите напредувале во борбата со вториот пожар што горел во близина на огромните секвои во најужниот дел на паркот Јосемити.

Вчера беа издадени наредби за евакуација на повеќе од 6.000 лица кои живеат во областа која се протега на неколку километри во ретко населената рурална област, јави портпаролот на Националната шума Сиера.

-Повеќе од 400 пожарникари со хеликоптери, други авиони и булдожери се борат со пожарот во тешки услови кои вклучуваат топлина, мала влажност и многу сува вегетација, предизвикана од најтешката суша во последните децении, кажа портпаролот.

До вчера претпладне, пожарот уништи 10 станбени и деловни згради, оштети пет, додека други 2.000 згради се под закана, наведе калифорнискиот портал „Кал Фајер“.

Голем број патишта се затворени, вклучувајќи го и еден од главните патишта што водат до паркот Јосемити.

Портпаролот додаде дека огнот се движи брзо, фрлајќи жар и до три километри пред себе.