Илјадници луѓе во Тел Авив протестираа против реформите во судството

Околу 160.000 луѓе протестираа во саботата во Тел Авив против планираните правосудни реформи, а масовни собири по истиот повод имаше и во другите израелски градови како Хаифа и Нетанија.

Полицискиот началник Коби Шабтаи изјави за медиумите дека полицајците нема да дозволат повторно да биде блокиран главниот пат кој го поврзува Тел Авив со Ерусалим.

Организаторите имаа поплаки за начинот на кој полицијата се справува со протестите, откако неколку демонстранти беа повредени по избувнувањето на насилство во текот на протестите во Тел Авив во средата.

И покрај деветте последователни седмици протести, владата на премиерот Бенјамин Нетанјахуи продолжува со критикуваните реформи во израелскиот правосуден систем.

Според предлозите на десничарската влада на Нетанјаху парламентот ќе биде овластен со просто мнозинство да укинува одлуки на Врховниот суд. Покрај тоа, политичарите ќе добијат поголемо влијание при именувањето на судиите, велат критичарите на реформите. Според нив, тоа е закана за демократската поделба на власта.

Освен тоа, тврдат дека реформите би му овозможиле на премиерот Нетанјаху да го избегне осудувањето во процесот во кој му се суди по обвинение за корупција.

Бидејќи во Израел нема пишан Устав, Врховниот суд има посебна улога во спроведувањето на владеењето на правото и на човековите права. Меѓутоа, владата смета дека судот моментално има премногу политичко влијание.

Во текот на антиреформските протести, некои жени се облекуваат како ликовите од телевизиската серија „Приказната на слугинката“, носејќи долги црвени наметки и бели качулки. Дистопискиот романа е објавен во 1985 година а писателката Маргарет Атвуд во него опишува диктатура во која особено се угнетувани жените.

Демонстрантите се маскираа за да ја изразат својата загриженост дека ослабениот правосуден систем би можел да ѝ овозможи на израелската влада да добие прекумерна моќ.