Илјадници во Австралија ги напуштаат домовите поради опасност од поплави

Илјадници жители во неколку градови во внатрешноста на Австралија, во нејзината најнаселена држава Нов Јужен Велс, се евакуираа од своите домови во текот на изминатата ноќ со повеќе од сто предупредувања за поплави во петокот, откако надојдените реки се излеаја и се приближиле до рекордните нивоа.

Големи поплави во моментов го погодија Форбс, рурален град во земјоделскиот појас на државата, а се очекува дека реката Локлан ќе го достигне 70-годишниот максимум подоцна во петокот, истакна Заводот за метеорологија.

Покрај реката Марумбиџи кај градот Вага Вага, со околу 70.000 жители, поплавите наскоро би можело да го достигнат максимумот, со предвидување дека нивото на водата ќе биде повисоко од поплавата во 2010 година, според истиот извор.

Градоначалничката на Форбс, Филис Милер, изјави дека поплавата ги зафатила продавниците во центарот на градот, како и дека во заедницата завладеала „мала паника“.

„Добро сме, но само не се знае каде оваа поплава ќе заврши“, изјавила Милер за ABC Radio, пренесува агенцијата Reuters.

Истокот на Австралија е зафатен од четвртата голема криза со поплави годинава, поради повеќегодишниот временски феномен Ла Ниња, обично поврзан со зголемување на количествата врнежи. Властите најновите поплави ги опишуваат како „поплави на синото небо“, бидејќи дождовите престанаа но водата и натаму истекува од преоптоварените брани и реки.

За целиот град Форбс, со популација од повеќе од 8.000 луѓе, и за околу 700 жители на северот на градот Вага Вага е наредена евакуација

Владата предупреди дека поплавите на земјоделското земјиште ќе предизвика раст на цените на овошјето и зеленчукот, задавајќи дополнителен удар врз семејствата кои веќе се борат со големата инфлација.

Екипите на итната помош употребиле хеликоптери за да извлечат повеќе од илјада овци во сигурна област, откако животните останале заробени во близина на Форбс.

Одгледувач на стока Чарлс Лаверти од Форбс, кому третина од трлата му се под вода, изјави дека честите поплави тешко го погодиле фармерските заедници и дека многу од нив се борат за опстанок.

„Многу од моите соседи се откажаа од жетвата во тие подрачја, што е многу скапо. Загубите за нив ќе бидат разорни“, изјавил за Australian Associated Press.