Или бегството на Мијалков е изрежирано, или инсајдерски информации го направија поитар од власта на Заев

Се поставува прашањето, како сите институции инволвирани во случајов, биле максимум ангажирани правдата да се задоволи, а имајќи ги в предвид предходните слични искуства со фијаско исход, не успеале да го спречат ова што се случи? Или пак не сакале?

Власта повторно изненадена и разочарана од бегството на уште еден лик за кој цело време додека го уриваше „режимот“ велеше дека е еден од главните креатори на бездната во која се наоѓаше Македонија.

Одеднаш им исчезна главниот лик кој предничеше во јавните објави од нелегално прислушуваните телефонски разговори, кога стануваше збор за криминалот и во еден воспоставен „диктаторски“ систем, со кој, според ставовите на тогашната опозиција, биле контролирани сите сфери на општественото битисување.

Бегството се случува само неколку дена пред изрекување на пресудата за главниот предмет на некогашното СЈО, кое неславно заврши, што се однесува на масовното незаконско прислушување во УБК, „Таргет и тврдина“.

Како и со претходните мистериозни „испарувања“ и овој пат надлежните институции отфрлаат секаква вина, со изговор дека постапиле навремено, па дури и итно. Но ете, исчезнувањето на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој од вчера требаше да биде во куќен притвор, очигледно го демантира тоа.

Одговорност нема ниту од првиот човек на Министерството за внатрешни работи, па ниту од Бирото за јавна безбедност, коешто наводно „алармирало“ дека е можно Мијалков да избега. Малку збунувачки, бидејќи доколку постоеле информации дека тој би можел да избега во периодот наспроти закажаната пресуда за „Таргет и тврдина“, Обвинителството и судот би требало да реагираат многу побрзо, веројатно и во петокот, кога Мијалков присуствуваше на судењето кога се слушаа завршните зборови на одбраната за посочениот процес.

Додека вчера се одвиваше драма, однапред исценирана или не, бидејќи полицијата не можела да го пронајде ексдиректорот на УБК за да му го врачи решението за куќен притвор, денеска од Кривичен суд излегоа со соопштение дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, вчера во 15 часот до нив, доставило предлог за определување мерка притвор против Мијалов, заради постоење на сомнение за евентуално бегство.

Како што е наведено во соопштението, откако е утврдено дека надлежен за постапување по предлогот е Кривичниот совет при Oдделението за организиран криминал и корупција, а имајќи ја предвид итноста на постапката, иако судот Законски имал рок од 24 часа да одлучува со оглед да предлогот е поднесен за време на викенд, советот во корелација со документацијата за сомневањето за бегство приложена од обвинителството со прилог известување доставени од Бирото за јавна безбедност при МВР, веднаш започна со постапување и донесе решение со кое на обвинетиот му определи мерка куќен притвор со 24 часовен надзор како и видео и електронски надзор, а во 18:30 часот решението веќе беше експедирано до МВР како надлежни за понатамошно постапување.

Се поставува прашањето, како сите институции инволвирани во случајов, биле максимум ангажирани правдата да се задоволи, а имајќи ги в предвид претходните слични искуства со фијаско исход, не успеале да го спречат ова што се случи? Или пак не сакале?

Во очекување на официјални детали и изговори за институционалните пропусти, јасно е дека јавноста, сепак, нема да ги проголта наивните оправдувања, ни сега, ниту пак кога било. Дополнително, социјалните интернет мрежи изобилуваат со иронични коменатри, додека уште едно бегство само се запечатува со распишана потерница на сајтот на МВР.

До кога прашањата за одговорност ќе се оставаат да лебдат како недолични фрази со кои власта се обидува да се искупи, додека сите прсти се вперени кон нејзината неспособност да воспостави ред во сѐ поголемиот хаос и да овозможи функционирање на демократската правна држава?