Илиевски: Кој сака да го забошоти скандалот со унапредувања на наставно-научни звања?

61

Во врска со случаите на тројца функционери и стекнувањето научно-наставни звања на Државниот универзитет во Тетово, вишиот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски испрати писмо кое го објавуваме во целина:

Сакам лично да ја запознаам македонската јавност (деновиве беше запознаена преку пишани и електронски медиуми и портали) за скандалот со унапредувањата во наставно-научни звања на високи јавни владини функционери чии работни места им биле во мирување додека извршувале јавни, односно државни функции, како што се актуелниот министер за образование и наука м-р Арбер Адеми од асистент во наставно-научно звање доцент, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу од доцент во вонреден професор и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, унапреден од асистент во доцент и вонреден професор.

Имено, министерот за образование и наука е унапреден од асистент м-р во наставно-научно звање доцент во период кога му мирува работниот однос на Универзитетот во Тетово како магистер-асистент од 04.04.2016 година, па сè додека ја врши функцијата министер без ресор на Владата на Р. Македонија, тоа мирување е согласно член 151 од Законот за работни односи (за читателите да знаат поконкретно), тој член е, цитирам: „На работникот кој е избран или именуван на државна или јавна функција, утврдена со законот, а чие вршење бара привремено да престане да работи кај работодавецот, му мирува работниот однос за време на вршење на функцијата и има право во рок од 15 дена да се врати на работа кај работодавецот на вршење работи кои одговараат на неговиот степен на стручна подготовка“.

Наместо мирување и почитување на законот, Универзитетот распишува конкурс за избор во сите наставно-научни звања на ден 24.09.2016 година (тој нема право да конкурира без разлика што докторирал во период на мирување кога сите права и обврски ги има кај друг работодавец, односно може да аплицира-конкурира по завршување на мирувањето) се спроведува процедура за избор и го избираат во наставно-научно звање доцент на Правниот факултет при Универзитетот во Тетово, што е спротивно на член 135 став 3 од Законот за високо образование, кој вели: „Времето за распишување конкурс се продолжува за времето кое е поминато на породилно отсуство, боледување подолго од шест месеци, како и мирување на работниот однос во случаи определени со закон“. Истиот склучува Договор бр.04/153/1 од 15.09.2016 година, за интелектуални услуги за зимски и летен семестар во академската 2016/2017 година, каде што стои дека за изведување настава-испити, вежби, како и други интелектуални услуги кои ќе бидат надоместени од сопствени средства на Универзитетот (поконкретно да знаат читателите сопствените средства се пари на студентите). Ова е спротивно на член 133 став 15 од Законот за високо образование каде што, меѓу другото, се вели: „Лице избрано во наставно-научно звање или соработничко звање на кое му мирува работниот однос поради вршење функција на избрано или именувано лице, може да изведува настава и да спроведува испити во деновите петок, сабота и недела… и не може да прима надоместок од високообразовната установа…“ Ова е службена злоупотреба и паричните средства треба да се вратат на универзитетот бидејќи тоа се пари на студентите.

Иста е состојбата и со унапредувањето од доцент во наставно-научното звање вонреден професор на Агим Нухиу, заменик-министерот за внатрешни работи, исто така во период кога му мирува работниот однос од 04.04.2016 година, Универзитетот во Тетово распишува конкурс на ден 01.07.2017 година, за избор во сите наставно-научни звања (предвремен избор со две иницијативи и тоа приватен универзитет Месдетар од Тирана и од приватниот универзитет од Струга на Рамиз Мерко) на 01.11.2017 година, се избира во наставно-научно звање вонреден професор. Што е незаконит избор во наставно-научно звање вонреден професор. Исто така, Агим Нухиу, заменик-министерот за внатрешни работи, склучил договори бр.04-210/1 од 15.09.2017г. и Договор бр.04-210/2 од 01.02.2018 г. за интелектуални услуги со Универзитетот во Тетово за зимскиот и летниот семестар, како што стои, за изведување настава-испити, вежби и Универзитетот ќе им давал надоместок од сопствени средства, спротивно на член 133 став 15 од Законот за високо образование.

Ваквото скандалозно унапредување во наставно-научно звање во вонреден професор и оној на министерот за образование и наука во доцент, за нив не било скандал и не чувствуваат одговорност. Вината тие ја бараат кај универзитетот, кој распишал конкурси (во народот ова се вика „приказна за мали деца“ – им се извинувам на децата бидејќи тие многу разумно размислуваат. Овие јавниве – државни функционери не сакале да се унапредуваат во повисоки наставно-научни звања, ама овие од универзитетот ги принудиле сосила, ова треба да го испита нивниот лидер Али Ахмети“).

За третиот функционер, помлад асистент м-р Сафет Емрули, кој има договор за мирување од Универзитетот, како директор на Државниот завод за индустриска сопственост од 2008 година, па сè до ден-денес 2019 година, тој се унапредувал од помлад асистент во асистент во 2010 година, во 2013 во наставно-научно звање доцент и во 2018 во вонреден професор. Како и претходните министри, и директорот Емрули склучил договори за интелектуални услуги со надоместок од сопствени финансиски средства на Универзитетот за 2014/2015 година. Во ова пригода сакам да напоменам дека на извршениот редовен инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово – Правниот факултет имаше уште еден државен функционер, односно заменик-министер за одбрана д-р Беким Максути, неговиот работен однос  беше во мирување и беше согласно законот.

Чудно зошто овој функционер не сакал да се унапреди во повисоко наставно-научно звање. Зошто никој не му помогнал. Требало да се консултира во Државниот просветен инспекторат, „сигурно ќе му помогнеле“? Сакам да истакнам еден друг пример на директор на една државна институција, каде што неговиот работен однос со решение му мирува со наставно-научно звање доцент уште од 2007/2008 година, до ден-денес, и тоа на УКИМ – Факултет за ветеринарна медицина – Скопје. По завршувањето на неговиот мандат, односно функција се враќа на факултетот и по донесувањето на новиот Закон за високо образование, согласно член 176 став 3, по негово барање факултетот му овозможува и му распишува конкурс за повисоко наставно-научно звање вонреден професор. Овој пример треба да го следат и други универзитети и неговите единици.

За ваквите констатирани незаконитости и законитости од моја страна, почитувани читатели, поаѓав согласно Законот за високо образование, Законот за инспекциски надзор и Законот за просветна инспекција, каде што се сочинети и доставени записници и решенија до Универзитетот во Тетово за почитување на законитоста, а воедно целокупна документација е доставена и до Државната комисија за корупција. Воедно се запознаени и други домашни и странски институции.

На моите констатации и утврдени незаконитости, од само за нив познати причини, се оградија директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски, и раководителот на секторот – Африм Саљиу („адвокат“ на напред наведените) дека „тоа е мој личен став“. За да се пролонгира и забошоти ваквиот скандал, на сцена стапува „спасителот“ Томе Спироски, долгогодишен инспектор во основните и средните училишта и како што се наведува во порталите и дадената изјава за ТВ „Алсат М“, директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски, лично го спровел инспекцискиот надзор (06.06.2019) на Универзитетот во Тетово и во неговиот извештај истакнува: „Просветниот инспекторат не увидел недоследности во образовно-научното унапредување на државните функционери Арбен Адеми и Агим Нухиу од извештајот што го дал Томе Спироски и тој наведува за Арбер Адеми: „Тука не се работи за мирување и продолжување на рокот по докторската дисертација, ги исполнува условите за доцент, што е нормално напредување во високообразовни унапредувања во високото образование, унапредување кое се врши според предвидените рокови, туку според докторската дисертација и исполнувањето на условите за стекнување доцент“. За оваа негова констатација само да му помогнам на директорот Томе Спироски, лицето може да се унапреди од м-р асистент по докторирањето во наставно-научно звање доцент само во случаите кога е во работен однос во високообразовната установа, односно работниот однос не му мирува. Во конкретниот случај, колега Томе Спироски, унапредувањето на министерот за образование и наука Арбер Адеми во наставно-научно звање доцент е незаконито согласно член 135 став 3 од Законот за високо образование и член 151 од Законот за работни односи.

Вака констатираната состојба на директорот Томе Спироски од неговиот вонреден инспекциски надзор за Арбер Адеми е елементарно непознавање на законитоста, и од оние што биле на надзор. Имено, со самото Решение бр.02-1262/1 издадено од Универзитетот во Тетово, заведено на 13.04.2016 година, на асистент м-р Арбер Адеми стои дека му мирува работниот однос и тоа сметано од 04.04.2016 година, сè додека ја врши функцијата министер без ресор на Владата на Р. Македонија и под ставот 2 од истото решение за мирување стои дека м-р Арбер Адеми по престанокот на вршењето на функцијата министер без ресор или друга јавна функција на која е именуван, има право во рокот утврден со закон да се врати на работа кај работодавецот за вршење работи кои одговараат на неговиот степен на стручна подготовка. Тоа значи (ова го знаат и студентите од втора година на правните факултети, а не лица што завршиле правни факултети) согласно член 151 од ЗРО, именуваниот има право во рок од 15 дена по престанувањето на функцијата министер без ресор да се врати на работа во Универзитетот во Тетово, односно сите права и обврски му мируваат на универзитетот, сè до престанување на функцијата министер без ресор, согласно член 135 став 3 од Законот за високо образование. По враќањето на универзитетот, универзитетот може да распише конкурс за повисоко наставно-научно звање доцент. Значи по враќањето на универзитетот, токму тука е суштината, бидејќи вработувањата на асистент, доцент, вонреден професор се со определен рок од 3 години за асистент, 5 години за доцент, вонреден професор, согласно член 134 од Законот за високо образование. Значи неговото унапредување во наставно-научно звање доцент е незаконито, колега Спироски.

Во врска со заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, од вонредниот инспекциски надзор колегата Томе Спироски констатирал (по читање и изјава за „Алсат М) по член 133 алинеја 1 од Законот за високо образование: „Работниот однос на Универзитетот во Тетово му бил во мирување, но не и образовно-научниот ангажман, за кој има посебен договор за интелектуални услуги, за кој според документите, тој не добивал паричен надоместок и сето тоа е направено според закон“.

Да биде појасен за читателите и за македонската јавност, членот 133 став 1 (алинеја 1 нема, туку став 1) што го цитира колегата (директор) Томе Спироски вели: „Лицата избрани во наставно-научни, научно и наставно звање засноваат работен однос и остваруваат права и обврски од работен однос во согласност со овој и друг закон и колективен договор склучен меѓу мнозински синдикат организиран во високообразовни установи во Р. Македонија и Владата на Р. Македонија“. Ова само да се запознае директорот Томе Спироски (требало да му помогне раководителот на секторот Африм Саљиу како „адвокат“ заштитник) дека овој член и став од законот се однесува за двоен работен однос, односно лице избрано во наставно, наставно-научно звање кои се во работен однос во јавна високообразовна установа, може да врши и здравствена дејност во јавна здравствена установа (тоа се однесува за медицински, стоматолошки наставно-научни звања кои работаат во високообразовната установа и вршат дејност во јавна здравствена установа).

Со ова сакам да ги запознаам читателите и нека донесат свој заклучок. Од напред наведеното од нивниот вонреден инспекциски надзор чии интереси застапуваат колегите, директорот (колега) на Државниот просветен инспекторат и раководителот на секторот. Кого сакаат да заштитат, кога не можат да заштитат, иако се свесни дека скандалот со ова се продлабочува. Само да ги потсетам. Нека ги прочитаат добро Законот за високо образование, Законот за инспекциски надзор и основните начела на инспекцискиот надзор, поконкретно член 8 каде што се додава: „Инспекторот е самостоен при вршење на инспекцискиот надзор и одлучувањето за дејствата што треба да се преземаат при вршење надзор, како и мерки кои ќе бидат изречени по извршениот надзор“. Исто така, треба да знаат дека согласно член 31 став 2 од Законот за просветна инспекција, се истакнува: „Доколку просветниот инспектор утврди дека не се применуваат законите, прописите и други акти, донесува решение со кое се наредува извршување на определени мерки во одреден рок кој ги определува инспекторот, а кој рок не може да биде подолг од осум дена од денот на донесувањето на решението“. Секако, следува и правна поука и слично.
На ваквото мое работење согласно моите надлежности наидов на реакции и заканувања од директорот Томе Спироски и Африм Саљиу дека не смеат да излезат записниците, решенијата и дека ќе имам последици. Ваквиот нивен чин го продолжи и министерот за образование и наука, но со татковска молба да се прикријат незаконските дејства и да не излезат во јавност бидејќи ќе биде скандал. Слично на него се јави и заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу со молба (пријателе) да не излезе случајот во јавноста, треба да знам дека имам семејство, деца и слично.

За ваквите скандали доставена е целокупна документација во Државната комисија за корупција, запознат е кабинетот на премиерот Зоран Заев. Очекувам да се јави „вториот премиер“ Али Ахмети, да имаме средба и да му ја дадам целокупната документација. Случајот не може да се сокрие, запознати се и некои амбасади во нашава држава и очекувам и некои лични средби. Ова е еден мал дел од проблемот колку и како не функционира правната држава (функционерите министри, директори, некои пратеници се над законот), непочитување на законитоста. Во нормални правни држави за ваквите скандали паѓаат влади, се поднесуваат оставки. Наместо да добијам поддршка за констатираните незаконитости, добивам закани, да го прикријам целиот овој скандал. Дури се вклучува и реагира вицепремиерот Бујар Османи, ангажиран за евроинтеграции. Вака, вицепремиере, не се оди во европска интеграција, туку назад во минатото во балканските трње. Оптимист сум дека правдината ќе победи. Сè во интерес на мојата држава што побрзо да се интегрираме во европското семејство.

Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор и раководител во одделението за инспекциски надзор во високото образование

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.