Илиевски: Не држи зборот на оној што е подготвен да продаде сé само за да дојде на власт

168

Граѓаните веќе 74 дена се на улиците низ целата држава, со цел да ја зачуваат унитарноста и суверенитетот на Република Македонија и во четвртокот повторно минаа покрај Народната канцеларија на Претседателот, од каде што испратија порака до шефот на државата Ѓорге Иванов.

Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“  порача дека не може да му се верува на човек кој каде и да оди, зборува она што сакаат тие таму да го слушнат.

„Има една стара албанска поговорка, вика вака: ако држиш орел за пердув и жена за збор, може да се каже дека не држиш ништо. Не се согласувам со делот за жената, орел никогаш не сум држел во рака, ниту, пак, сакам, ама знам дека ако го држиш за збор човекот кој каде и да оди го зборува она што мисли дека тие таму сакаат да го слушнат, не држиш ништо. Ако го држиш за збор човекот кој во Бугарија вели дека сме еден народ, во Србија се умилкува како што знае и умее, во Швајцарија зборува она што тие таму сакаат да го слушнат, можеш да кажеш дека не држиш ништо, без оглед на сите пишани гаранции кои би дошле од него“, рече Илиевски.

Поради ова тој му порача на претседателот да води сметка за унитарноста и суверенитетот на Република Македонија.

„Затоа порачуваме: претседателе Иванов, знаеме дека имате некои работи кои по службена должност морате да ги направите, исто како и што Службен весник мораше да објави една фалсификат одлука по службена должност. Меѓутоа, водете сметка за зачувување на суверенитот на Република Македонија и за унитарноста на оваа земја, за тоа не држи зборот на оној кој е спремен да продаде сé само за да дојде на власт. Грижете се за Уставот, чувајте го Уставот, да се бориме заедно рамо до рамо како и досега. Доколку вие не не оставите сами, нема ниту ние да ве оставиме“, порача Илиевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.