Илиевски: Осудените од 27-ми април се политички осуденици, анкетите покажаа дека тие треба да се на слобода

Во вечерашното издание на дебатната емисија “Што не е јасно?” гостуваше Богдан Илиевски кој зборуваше за моменталната политичка ситуација во државата, случајот за 27-ми април, економската и здравствената криза, како и за очекувањата во наредниот период.

Илиевски истакна дека несомнено луѓето кои се затворени за случајот 27-ми април се политички затвореници, а тоа го потврдува и фактот што на анкетите кои се спроведени изминатите денови, над 50% од испитаниците сметаат дека тие луѓе се затворени поради политички притисоци и закани. Тој додава дека сето тоа било сценарио на власта и со цел ослабување на опозицискиот блок и умртвување на желбата за борба за подобро утре на граѓаните.

Илиевски вели дека по немилите настани на 27-ми април биле направени медиумски хајки кои траеле временски доста, со што се придонело да се создаде атмосфера луѓето да бидат осудени уште пред самото судење. Илиевски додаде дека целиот случај бил воден со двојни аршини, а со тоа се докажало дека судството во Република Македонија е клекнато на колена и потребни се реформи, но вистински.

-Тоа беа трауматични денови за сите кои бевме учесници, односно осуденици за немилиот настан. Се вршеше изживување како врз нас, така и врз нашите семејства, бидејќи бевме третирани како вистински терористи, иако сега по неколку години, граѓаните увидоа дека не е така. Државата потклекна во повеќе наврати, особено што се зедоа за веродостојни на неколку пати изјави на луѓе кои очигледно лажеа, за потоа да се уверат дека тоа не е така. Голема е маката на семејствата кои што имаат свој близок во затворите, страдаат семејствата, како и нивните деца. Тоа не смее да се дозволи повеќе, заврши Илиевски.

Мораме да ја говориме вистината, нема што да се лаже или измислува. Вистината треба да исплива на површина базирана на факти и аргументи, а потоа да се поведе нова постапка која што ќе овозможи фер судење на оние кои се уште се во затворите. Очигледно и јасно како ден е дека пресудите беа политички, а особен придонес во тоа даде и Вилма Рускоска, која што самата во ниту еден наврат не го оспори тоа дека самата била вклучена во донесувањето на пресудите, истакна Илиевски.

Правдата во државата мора да дојде ден поскоро, бидејќи еден ден во затворите не може да се спореди со еден ден на слобода. Децата на затворениците треба да ги дочекаат своите татковци живи и здрави и да растат покрај родителите, заврши Илиевски.