Македонија

ВМРО-ДПМНЕ ја продолжува кампањата за локалните избори Илиоски: Патронажна служба ќе им помага на стари и изнемоштени лица во Битола

Илиоски: Патронажна служба ќе им помага на стари и изнемоштени лица во Битола

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Битола, Зоран Илиоски денес најави еден проект кој како предлог произлезе од самите битолчани, по што тој изврши и конкретна анализа на реалните потреби и оправданоста.

„Општината ќе формира посебен Оддел за давање помош во домашни услови на старите и изнемоштени лица и лицата со посебни потреби. Новата патронажна служба која ќе функционира во рамките на Домот за стари лица „Сју Рајдер“ и ќе ги сервисира граѓаните кои имаат потреба од домашна нега и грижа, а нивната состојба дозволува да се избегне згрижување во болница или геронтолошка установа. Службата ќе обезбедува лична и домашна хигиена, подготвување на храна и исхрана, облекување, затоплување на просториите, придружување и обезбедување на преглед од матичен лекар, плаќање на сметки итн. Проектот ќе чини 4.220.000 денари, а со реализација ќе почнеме на почетокот на следната година“, истакна Илиоски.

Најави уште една мерка на општината за подигнување на основната информатичка култура кај старите лица и лицата со попреченост.

„Ќе ги субвенционираме постоечките и ќе организираме почетни курсеви за основно познавање на работа со компјутер, интернет, комуникација преку социјални мрежи и користење на мобилни апликации. Ова е во прилог на нашата решеност општината, во рамките на своите надлежности, да биде општина на сите граѓани независно од возраста. Битола е на сите“, порача Илиоски.