На првиот ваш предлог за разрешување на Јавниот обвинител, Марко Зврлевски, во вашиот предлог ништо правно не видовме, рече во средата во паралемрнтот пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, реплицирајќи на воведното излагање на заменик министерот за правда Оливер Ристовски.
Според Илиовски предлогот што Ристовски го образложил претставува „чиста политика, говор полн со политички квалификации и инсинуации“ без ниту еден доказ зошто се бара разрешување на јавниот обвинтел.
„Очекував како Министерство за правда и вие како заменик министер да ви биде срам да излезете на говорница без докази, без образложение. Единствен од доказите кој што ги покажавте е дека Републичкото јавно обвинителство, односно неговиот прв човек постојано се изјаснуваше негативно во негативен контекст во однос на Специјалното јавно обвинителство. Замислете, бараме разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија затоа што негативно се изразил кон СЈО. Каков грев?! Велите дека вашиот предлог е мотивиран од желбата за враќање на довербата во правниот систем во Република Македонија“, рече пратеникот од најбројната политичка групација во Собранието.
Илиовски, исто така, запраша зошто премиерот Зоран Заев постојано бега од судските процеси за поткуп, како и зошто првото нешто што го кажа кога стаса на премиерската должност беше дека ќе го разреши Јавниот обвинител.
Потенцираше дека премиерот треба да оди на судските рочишта, да ја расчисти работата околу судскиот процес „Поткуп“ каде што со ПИМ мерки е фатен на камера каде што бара 160 илјади евра поткуп каде што беше прикажано и на телевизија.
На крајот од излагањето, Илиоски ѝ порача на власта дека доколку сакаат правда прво да почнат од сопствените редови, а потоа да одат натаму.