Илиоски: Скандалозно е да не се консултира МАНУ за прашање кое задира во идентитетот

Од ВМРО-ДПМНЕ во петокот повторно се осврнаа на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија и ја повикаа Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) да покаже интерес за ова прашање, а небарањето а мислење од највисоката научна институција за прашање кое задира во индентитетот на македонскиот народ и држава е исклучително опасно, рече членот на Извршниот комитет на партијата, Зоран Илиоски.

„МАНУ вчера призна дека Зоран Заев ниту ги консултирал, ниту побарал мислење пред да ги прифати деталите од договорот со Бугарија. Ова е скандал. Наместо најавените дебати за сите прашања, да не се побара мислење од највисоката научна институција за прашање кое задира во идентитетот на mакедонскиот народ и држава е исклучително опасна игра“, рече Илиоски во изјавата за медиумите дадена пред зградата на МАНУ.

Според него, академиците од МАНУ штом ќе бидат информирани за содржината на договорот, имаат обврска да заземат став и да ги штитат националните и државните интереси.

„Академиците имаат обврска пред граѓаните да ги информираат за сите ризици и опасности по националните интереси кои произлегуваат од договорот. Таки Фити како претседател на МАНУ треба да се засрами што ја довел во ваква ситуација оваа висока научна институција. Тој со својата незаинтересираност за вака сериозно прашање само оди на линија на обвинувањата на директорот на Бугарскиот национален музеј дека е исплашен за својата работа и позиција и дека Зоран Заев може лесно да го избрка од работа“, рече Илиоски.

Додаде дека МАНУ и останатите релевантни институции треба да не молчат и да се придружат на барањето на граѓаните за транспаретност и дебата околу ова прашање.