Илиоски: Судот подлегна на притисоците со одлуката да се потврди решението за одземање пасоши

Алепациониот суд одлучи да не суди според фактите и аргументите, туку да оди по линија на помал отпор и ги отфрли барањата на одбраната за укинување на мерките на претпазливост, иако истите беа поткрепени со издржани аргументи, а како божемна утеха и показател за некаков баланс ги отфрли и барањата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кои беа чисто политички, рече во понеделникот на прес-конференцијата Зоран Илиоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Со ваквата своја одлука, истакна Илиоски, судот подлегна на притисоците на владејачката СДСМ и нивните поддржувачи меѓу таканаречените експерти.

Оцени, исто така, дека одлуката да се потврди решението за одземање пасоши и редовно јавување не е балансирана, туку на штета исклучиво на засегнатите, а со неа судот се вклопува во сценариото на Зоран Заев за оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ.

„Барањето за притвор на СЈО беше апсурдно, неосновано и политичко. Тоа го оцени и првостепениот суд кога констатираше дека не постои никаква опасност за бегство. Доколку е така, а така е, тогаш не постои ниту логично образложение патните исправи на луѓето кои се предмет на политички прогон на СЈО да бидат одземени“, посочи Илиоски.

Потсети дека СЈО гони стотина лица само од ВМРО-ДПМНЕ како и дека ниедно од нив не се обидло да ја опструира правдата, од едноставна причина, како што нагласи Илиоско – затоа што нема сторено кривично дело и има интерес што побргу да се расчистат манипулациите и монтажите на СЈО. Постети притоа дкеа сите редовно се јавувале на поканите и покажувале, како што рече, должна почит кон правосудните органи.

„Судскиот процес за протестите пред општина Центар, почна одамна и веќе се одржаа пет рочишта. Сите обвинети редовно се јавуваа. Иако ги имаа пасошите и имаа службени патувања, одговараа на секоја судска покана“, истакна Илиоски.

Според него, тоа најдобро ја отсликува апсурдноста и неиздржаноста на одлуката да не се уважи жалбата на обвинетите и да не им се вратат пасошите. Во ваквата одлука, вели тој, нема ниту право, ниту правда, туку само гола политика.

„Да имаше право и правда, дали некој суд би му го вратил пасошот на лице кое на дело е фатено како бара поткуп од 100.000 евра? Да имаше право и правда, дали некој суд би му го вратил пасошот на лице кое јавно изјави дека не ги признава македонските правосудни органи и дека нема намера да се одзива на поканите? Зоран Заев не само што беше фатен со докази како бара поткуп, не само што јавно ги понижуваше судовите, туку и откако почна главната расправа, наоѓаше милион банални причини само за да ги одложува рочиштата и да не се појавува. Измислуваше десетици средби со амбасадори и соработници на амбасади, како да не може тие да се одржат во друг термин или во друг ден“, рече Илиоски.

Ова се двојни аршини, истакна Илиоски, додавајќи дека разлика во односот на одлуките на судот е очигледна. Зоран Заев за случај за барање поткуп со легално прибавени и многу очигледни за цела јавност докази е сѐ уште на слобода и не се појавува на рочиштата, а истовремено се одземаат пасоши на членови на ВМРО-ДПМНЕ.

„Зоран Заев целиот притисок врз судството го прави за да се спаси себеси за криминалите во кои е заглавен и во исто време да го попречи ВМРО-ДПМНЕ да му застане на патот на неговата деструктрутивна и антидржавна политика. Зоран Заев стана премиер со пораз на избори. Зоран Заев се лаже доколку мисли дека на ваков начин ќе го поколеба ВМРО-ДПМНЕ да престане да се бори против распродажбата на државните и национални интереси од страна на СДС. Зоран Заев се лаже доколку мисли дека на ваков начин ќе изнуди поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за двотретинските закони кои треба да се носат во Собранието. Зоран Заев се лаже доколку очекува народот да поверува на неговите лаги и манипулации“, посочи Илиески.

Додаде дека со политичките притисоци кои ги прави врз судот, Зоран Заев нема да може да избегне од одговорот кој им го должи на граѓаните, а тоа е одговорот на прашањето: Kога планира да го смени името на државата?

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.