Илон Маск го надмина Бил Гејтс по богатството, според индексот на Bloomberg

Американскиот претприемач Илон Маск, основач и косопственик на повеќе иновативни технолошки компании, го надминал според богатството основачот на американскиот технолошки гигант „Microsoft“, Бил Гејтс и стана втората најбогата личност на планетата, според индексот Bloomberg Billionaires.

Благодарејќи на растот на акциите на произведувачот на електричните автомобили „Tesla“ за 6,5 отсто, богатството на Маск се зголемило во понделникот за 7,2 милијарди долари во еден ден, на вкупно 127,9 милијарди долари, според проценката на финансиската новинска агенција Bloomberg News.

Од почетокот на годинава, богаството на 49-годишниот претприемач и иноватор, веќе се зголемил за 100,3 милијарди долари. Инаку, специјалниот ресурс Bloomberg Billionaires Index секој ден ја објавува листата на најбогатите луѓе на светот.

Со богатството проценето на 182 милијарди долари, сопственикот на најголемата платформа за онлајн тргување „Amazon“, Џеф Безос, и натаму е на врвот на листата.

Бил Гејтс, кој е во центарот на вниманието на светската јавност поради неговите ангажмани за наоѓање на вакцината против коронавирусот и откако пред десетина дена најави нова пандемија којашто ќе го погоди светот за три години, неодамна го зголеми своето богатство на 127,7 милијарди долари. Но тоа, според процените, би било и поголемо, доколку „не донирал многу пари“.

Листите на најбогатите луѓе на светот, како што е оваа на Bloomberg News, ги користат процените врз основа на јавно достапните информации за состојбата на берзите, на пазарот на недвижнини и другите вредносни показатели. Така, на листата на најбогатите што ја прави финансискиот магазин Forbes, Илон Маск е само четврти со богатство од 110,5 милијарди долари.