Илон Маск го повлече барањето Пентагон да го финансира „Старлинк“ во Украина

Американскиот милијардер и сопственик на „СпејсИкс“, Илон Маск, соопшти дека компанијата го повлекла барањето упатено до Пентагон да го преземе финансирањето на сателитскиот комуникациски систем „Старлинк“ во Украина.

– „СпејсИкс“ веќе го повлече своето барање за финансирање, напиша Маск во објавата на Твитер, коментирајќи ја статијата објавена од „Политико“.

„Политико“ повикувајќи се на свои извори, вчера објави дека Пентагон ја разгледува можноста за независно финансирање на „Старлинк“ во Украина.

Американската телевизија „Си-Ен-Ен“ минатата седмица објави дека „СпејсИкс“ испратиле писмо до Министерството за одбрана на САД во кое го известува дека ќе престане да плаќа за работата на системот „Старлинк“ во Украина и бара од Пентагон да ги преземе понатамошните трошоци за финансирање на функционирање на системот.