Илон Маск порача вработените на Twitter да бидат „тврдоглави“ или да си заминат

Новиот сопственик на компанијата сопственик на популарната социјална мрежа за микроблогирање „Twitter“, Илон Маск, предупреди во средата дека целиот персонал мора да биде „крајно тврдокорен“ и „напорно да работат“ или му се заканува отказ и единствено дека „исклучителните перформанси ќе бидат задоволувачки“.

Вработените во Twitter во полноќната (по локално време) порака преку електронска пошта, која била на увид на весникот The Washington Post, дознале дека од четвртокот мора да решат дали ќе останат во компанијата.

Оние кои сакаат да продолжат да работат во новата верзија на функционирање на Twitter која ја промовира Маск треба да кликнат на линкот во пораката, а оние коишто тоа нема да го направат во зададениот рок, ќе бидат автоматски отпуштени и ќе добијат отпремнина која одговара на три месечни плати.

„Во иднина, за да го изградиме пробивниот Twitter 2.0 и да успееме во сѐ покомпетитивниот свет, ќе мораме да бидеме крајно тврдоглави. Тоа ќе значи долготрајна и многу интензивна работа. Единствено исклучителните перформанси ќе бидат задоволувачки“, напишал 51-годишниот милијардер.

Најбогатиот во моментов човек на планетата потоа им се заблагодарил на сите кои „помогнаа Twitter да биде успешен“. Додал дека компанијата во поголема мера ќе биде водена инженерски и дека оние кои произведуваат одличен софтвер „ќе го сочинуваат мнозинството во нашиот тим“.

Електронската порака, заедно со новата политика на враќање на канцелариското работење, доаѓа само неколку седмици откако Маск отпушти околу 50 отсто од работната сила на Twitter, која ја сочинуваа 7.500 луѓе.

Тоа беше еден од неговите први потези како челник на Twitter, кој го купи за 44 милијарди долари на 27-ми октомври. Маск истиот ден го отпушти извршниот директор Пара Агравал, финансискиот директор Нед Сегал, главната правничка Виџаи Гаде и правниот советник Шон Еџет. Самиот си се постави за единствен член на управниот одбор, додека сите други членови ги смени.

По отказите, основачот на „SpaceX“ и на „Tesla“ ги бранеше своите постапки, велејќи дека „немал избор“, туку дека морало да го намали бројот на вработените, бидејќи компанијата работи со дневна загуба од четири милиони долари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.