Илон Маск повторно на чело на листата најбогати луѓе на планетата

Американскиот претприемач Илон Маск, основач и извршен директор на производителот на електрични автомобили „Tesla“ и на компанијата за градење вселенски летала и изведувања космички летови „SpaceX“, повторно дојде на првото место на листата на најбогати луѓе на светот, според процените од ноќта кон петокот по средноевропско време, кои ги објави деловната новинска агенција Bloomberg.

Според пресметката на Bloomberg News, богатството на Маск во тој момент изнесуваше 199,9 милијарди американски долари, благодарејќи на новата сесија пласмани на акциите на „SpaceX“, со што компанијата прибрала околу 850 милиони долари, а нејзината вкупна пазарна вредност се зголемила на околу 74 милијарди долари.

Така Маск повторно го надмина на списокот на милијардерите челникот на најголемата во светот интернет-продавница „Amazon“, Џеф Безос, чиешто богатство во истиот момент е проценето на 194,2 милијарди дилари. Од почетокот на 2021 година, Маск веќе еднаш се проби на врвот на најбогатите луѓе во светот, но до средината на февруари Безос ја поврати водечката позиција на оваа листа.

Безос важеше за најбогатиот човек на свеот од 2017 година до 7-ми јануари 2021 година, кога го мина Маск. Претходно оваа седмица основачот на „Amazon“ по падот на цената на акциите на „Tesla“, повторно го презема водството на листата на најбогатите според Bloomberg.

Во јануари минатата 2020 година Илон Маск го заземаше 35-то место во ова рангирање на Bloomberg News, а на крајот на ноември минатата година веќе се искачи на втората позиција со богатство проценето на 128 милијарди долари, минувајќи го основачот на технолошката корпорација „Microsoft“, Бил Гејтс. Главната причина за рапидното зголемување на богатството на Маск во текот на минатата година беше растот на капитализацијата на копанијата „Tesla“.

Рејтингот на најбогатите луѓе на планетата, кој го прави Bloomberg News, се ажурира секој ден врз основа на резултатите од тргувањата со хартии од вредност во САД. Сесијата вообичаено завршува во 16 часот по времето на американскиот Источен брег.