Има бојкот на онлајн наставата, платформата е нефункционална – Царовска да поднесе оставка!

ВМРО-ДПМНЕ денеска побара оставка од министерката за образование Мила Царовска поради проблемите со кои се соочува стартот на учебната година.

– Министерке, давате изјави во кои стартот на учебната година го оценувате како успешен. Жално е „добивањето лозинки“ да го потенцирате како успех од невидени размери во дигитализацијата. А срамно, што сѐ тоа го кажувате со насмевка на лицето. Имате повеќе од 80 илјади ученици кои немаат услови за следење на онлајн настава, а вие им нудите 15-минутни видеа од наставните часови пред малите екрани на националниот сервис. Велите, во овој момент тоа е единственото решение. Не, тоа е само оправдување – рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа вели дека има бојкот на онлајн наставата во повеќе од 7 градови, старите и руинирани училишни објекти се поле за истражување, платформата е нефункционална, а вчера и официјалната страна на Министерството била нефункционална!

– Непотребно нѐ убедувате, велите во најголем дел од училиштата во државата е започната онлајн наставата. А што е со останатите кои воопшто не започнаа? Не сме изненадени! Факт е дека следи уште едно оправдување, за кое повторно ќе кажете: „Учебната година започна организирано, предизвиците ќе се надминат“. Еве уште еден пример, целодневна настава се уште нема, а вие велитe: организацијата на целодневната настава е во надлежност на училиштата, не на Министерството за образование. Почитувана министерке, за секој еден проблем ја префрлувате вината, барате трпение и разбирање. Имате ли критериум и план како понатаму? Доколку не, чесно и доблесно е да признаете дека оставката е повеќе од очекувана и неминовна – порача Митева.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.