Има ли Павле кредибилитет да остане пратеник и претседател на собраниска комисија?

Пратеникот Павле Богоевски, како претседател на Комисијата за деловнички и имунитетно-мандантни прашања за утре ја закажа седницата на која што треба да се расправа за одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски.

Богоевски веќе десетина дена е во центарот на скандал со набавка на наркотички средства откако на социјалните мрежи беше објавен телефонски разговор, за кој што, тој потврди дека е неговиот глас и објасни дека не нарачувал кокаин како што се тврди туку масло од канабис за негова блиска личност.

Голем број политичари, граѓански активисти и јавност општо се гласни во повикот до Богоевски дека треба да понесе морална и политичка одговорност и да си поднесе оставка од пратеничката функција. Пратеникот, кој што во Собранието влезе преку пратеничката листа на СДСМ и коалицијата, досега не одговори на повиците, а ги избегнува и новинарските прашања на таа тема.

Денеска уште една опозициската ВМРО ДПМНЕ го повика на оставка.

„Павле Богоевски веќе нема кредибилитет да ги претставува граѓаните во Собранието на Република Македонија и заради тоа мора да си поднесе неотповиклива оставка. Само така ќе се овозможи професионална и непристрасна истрага за тоа од кого нарачувал „половина“ и таа да му биде убаво спакувана. Веруваме дека на тој начин ќе се открие нарко синџирот кој што делува низ Скопје. Само така СДСМ може да покаже дека Македонија станува европска држава, каде постои одговорност. Само така ќе направиме исчекор во однос на минатото кога сите кокаински афери,  особено со СДСМ на власт остануваа без разрешница“, побара портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ до почетокот на седницата утре во 11 часот ќе одлучи дали ќе побара изземање на Богоевски од претседателското место во комисијата поради скандалот.

Додека пратениците од парламентарното мнозинство одговорот за прашањето дали Павле Богоевски има кредибилитет да остане пратеник и да ја води комисијата го оставаат на совеста на Богоевски.

„Собранието има претседател и сметам дека ова прашање треба да му биде поставено на претседател на Собранието“, вели пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец прашан дали Богоевски има кредибилитет да ја води утрешната комисија.

Инаку, во исто време додека најавува „метла“ за оние кои не ги исполниле очекувањата на граѓаните, премиерот Заев застана во одбрана на Богоевски изјавувајќи дека тоа што пратеникот набавувал наркотици е лична работа.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.