Има ли волја и моќ Филипче да се справи со непотизмот во здравството

Непотизам и роднински врски и при вработувањата во здравствениот сектор. На Онкологија наместо прворангираниот кој имал специјализација и волонтирал на клиниката, ја вработиле треторангираната која била општ доктор и не знаела македонски, па на комисија се појавила со преведувач. Според реакциите на лекарските здруженија, покрај учење на јазикот треба и да го доусовршува знаењето, пренесува ТВ Сител.

Од асоцијацијата на млади лекари, велат дека овој оглас за вработување е само капката што ја прелеала чашата, бидејќи изминатите денови истото се случувало и во други здравствени установи. Во штипската болница вработувале по роднински врски а во тетовската била вклучена и етничката припадност. Ова е класичен егзодус за младата лекарска фела, реагираат од АСМЛ.

Што е пораката, да ги спакуваме куферите и да одиме во странство. Ова е егзодус и ќе биде уште пострашно. После секој ваков оглас по неколку млади лекари си одат во Германија, вели Ненад Лазаров претседател на АСМЛ за Сител.

Лазаров е револтиран што неговите колеги кои се квалитетни и образовани не можат да добијат вработување и заминуваат во странство. Вели дека на сметка на тоа, поради дискреционото право на менаџерот на здравствената установа вработуваат несоодветен кадар и на крајот цехот ќе го платат пациентите.

Општо правило е дека на професор детето се раѓа со диплома и мора да биде лекар. Но тоа е многу лошо и затоа во иднина на клиниките ќе имаме неквалитетни услуги, вели Лазаров.

Министерот за здравство допрва најавува средби со асоцијациите на млади лекари за разгледување на овие случаи. Но за да ги задржат лекарите во земјата, Филипче најави дека наскоро на околу 300 млади доктори ќе им понудат работа.

Подготвуваме модел со кој сакаме сите завршени млади лекари, кои се околу 300 од трите медицински факултети, да добијат работно место. Веќе работиме на моделот и на правилникот согласно законските одредби. Во најскоро време, мислам дека следниот месец до месец и пол ќе го имаме точниот начин, на кој ќе можеме на секој завршен лекар, без оглед на некаква припадност, да му понудиме работно место во нашиот здравствен систем. Ова го правиме прво за да ги стимулираме да останат во државата и второ да не се дискриминирани, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Не само лекари, изминатиот период и медицински сестри реагираа дека работно место не добивале прворангираните, туку оние со врски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.